Коментирајќи за проектите што треба да се реализираат во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, рече дека физибилити студијата и студијата за оцена на влијанието врз животната средина за брзата пруга треба да бидат завршени најдоцна до јули. Доколку процедурите се одвиваат според планираното, од есен би можеле да започнат и градежните активности на терен по принципот „жолт фидик“
Со тоа, како што рече не се оствариле предвидувањата за бран мигранти што ги пласирала опозицијата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се покажале како неточни тврдењата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за наводен прилив на мигранти во земјава, нагласувајќи дека наместо тоа, државата ќе добие брза железничка пруга на Коридорот 10.

Одговарајќи на новинарско прашање за проектите што треба да се реализираат во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Мицкоски рече дека физибилити студијата и студијата за оцена на влијанието врз животната средина за брзата пруга треба да бидат завршени најдоцна до јули.
Според него, доколку процедурите се одвиваат според планираното, потоа ќе следува законско решение во Собранието, а од есен би можеле да започнат и градежните активности на терен по принципот „жолт фидик“.
„Ако мислите на Коридорот 10, беа нашите партнери од Велика Британија. Беше и потенцијалниот заемодавател, беа претставници од УК Експорт Финанс. Разговаравме и во Владата, и во Министерството за транспорт и во Министерството за финансии. Физибилити студијата што ја прави Министерството за транспорт и студијата за оценка на влијанието врз животната средина треба да бидат завршени отприлика овој месец, а најдоцна да речеме во јули. Ако биде сè како што треба, потоа одиме со закон во Парламентот и, здравје Боже, таму од есен можеме и на терен да отпочнеме по принципот на ‘жолт фидик‘“,
рече тој денеска по пуштањето во употреба на дом за стари лица во Општина Илинден.
Со тоа, како што рече не се оствариле предвидувањата за бран мигранти што ги пласирала опозицијата.
„И нема мигранти, и нема неуспешни баратели на азил, како што гледате, и повторно се потврдија невистините коишто доаѓаат од СДСМ дека се невистини, и нема да има. Сакам ова да биде јасно кажано, јасно прецизирано бидејќи требаше во април да имаме бран на такви лица, еве средина на јуни е, нема, и нема ниту да има, а ќе има брза пруга којашто ќе биде Коридорот 10 и којашто ќе ги поврзе нашата северна граница и нашата јужна граница“,
кажа Мицкоски.
Во однос на обвинувањата од пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи дека Владата манипулира со податоците за бруто домашниот производ (БДП), Мицкоски истакна дека официјалните бројки на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат поинаква слика.
Според него, номиналната вредност на БДП во првите две години од мандатот на актуелната Влада е за 560 милиони долари повисока во споредба со растот остварен во седумгодишниот период на претходната Влада.
Овој резултат, додаде дека е постигнат со трипати помало задолжување во однос на претходниот период.
„СДСМ грубо манипулира со тие податоци, но се навикнавме на невистините што доаѓаат од таму. Што е факт? И тој факт повторно не го кажува ниту Христијан Мицкоски, ниту Владата, туку тој факт го зборува Меѓународниот монетарен фонд. Ако се спореди номиналната вредност на бруто домашниот производ во овие две години на оваа Влада, ќе забележите дека таа е за 160 милиони евра, односно долари поголема отколку номиналната вредност на бруто домашниот производ за седум години на претходната Влада. Ако го погледнете и должничкиот дел, односно јавниот и државниот долг, ќе забележите дека оваа додадена вредност на номиналниот бруто домашен производ е остварена со задолжување трипати помало отколку тоа што го направи претходната Влада. Тоа е статистика, тоа се бројки. Ако тоа го гледате како шведска маса и го извадите само тоа што ви одговара, тогаш има и такви кои ќе поверуваат на невистините кои доаѓаат од СДСМ“,
кажа премиерот.
Посочи дека станува збор за податоци потврдени од ММФ и дека последниот извештај на институцијата е меѓу најпозитивните што државата ги добила од нејзиното осамостојување.
