„На луѓето навистина им е преку глава од избори бидејќи ние гледаме дека од изборен циклус во изборен циклус ништо не се менува, државата осиромашува, институциите стануваат нефункционални и мислам дека треба да заврши она време што го паметиме, времето на Груевски, кога се одеше на секои две години на нови избори“, смета претседателката на ЛДП, Моника Зајкова

Претседателката на Либерално демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова вечерва во интервју за ТВ „Сител“ рече дека е неблагодарно да се зборува за избори кога владејачката гарнитура во Собранието има речиси двотретинско мнозинство со коe може да спроведува решенија и да носи одлуки.
„Сакам само да упатам една порака до граѓаните дека ако платата не им стигнува до крајот на месецот, ако пензиите не им стигнуваат до крајот на месецот, банките уште ги ‘шурат’ со провизии, да знаат дека новите избори значат повторно трошење пари од нивниот џеб и повторно значат помалку пари во државата, а ќе ги организира некој директор кој имал можност да спроведува решенија и одлуки, меѓутоа бара повторно поддршка за нови избори за само две години затоа што досега ги потрошил годините да објаснува како претходно некој бил крив за нешто“,
рече Зајкова.
Таа рече дека на луѓето им е преку глава од избори.
„Апсолутно и во минатото, ако ги следите, моите ставови се конзистентни, на луѓето навистина им е преку глава од избори бидејќи ние гледаме дека од изборен циклус во изборен циклус ништо не се менува, државата осиромашува, институциите стануваат нефункционални и мислам дека треба да заврши она време што го паметиме, времето на Груевски, кога се одеше на секои две години на нови избори, а притоа апсолутно ништо не се менуваше во државата затоа што изборите значат трошење државни ресурси“,
смета Зајкова.
Според претседателката на ЛДП, државата треба да воспостави пракса со која, кога е доделен мандат од четири години, тој мандат да се користи во целост и за работа во интерес на граѓаните.
„Јас, но и ЛДП сме тука за да работиме во интерес на граѓаните, а во моментов состојбата налага да се работи на тоа како да се обезбедат повеќе пари во нивниот џеб, затоа што гледаме дека од ден во ден сѐ помалку пари ни стигнуваат да ги испазариме основните намирници во маркетот. Изборите се организираат врз грбот на граѓаните. Да е кревко мнозинството на владејачката партија, ајде некако. Меѓутоа со речиси двотретинско мнозинство, каде што имате комоција да носите одлуки? Не сметам дека треба да ги изложуваме граѓаните дополнително на трошоци, затоа и не случајно ја упатив и таа порака, тоа ќе значи помалку пари во државниот буџет, затоа што ќе се потрошат на избори и ќе нема пари за да пораснат платите и пензиите“,
смета таа.
Инаку, во последно време се повеќе јавно се зборува за потенцијалната можност од организирање предвремени парламентарни избори, а како можен термин се спомнува идната пролет.
