Според информациите во светските медиуми, сите инволвирани страни се согласуваат дека меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран е пред потпишување, но се лиферуваат различни информации кога би можело тоа да се случи

Мировниот договор на Блискиот Исток никогаш не бил поблиску, барем ако се суди според сигналите од Вашингтон, Техеран и Пакистан, кој е посредник во преговорите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран. Пакистанскиот премиер објави дека се очекува финализирање на договорот.
Според информациите во светските медиуми, сите инволвирани страни се согласуваат дека меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран е пред потпишување, но се лиферуваат различни информации кога би можело тоа да се случи.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД утре ќе потпишат нов договор со Иран кој, според него, целосно ќе го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл тврди дека веднаш по потпишувањето Ормускиот Теснец ќе биде целосно отворен.
Во исто време, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, соопшти дека мировен договор меѓу Иран и САД сепак нема да биде потпишан утре.
Иранскиот шеф на дипломатијата, пак, објасни како треба да изгледа патот до мирот.
„Преговорите што ќе доведат до крај на војната, предвидени се во две фази. Првата е потпишување на меморандумот за разбирање меѓу Иран и САД, потоа ќе почнат преговорите за втората фаза и потоа ќе имаме конечен договор. Нуклеарното прашање го одложивме до конечниот договор, бидејќи за него не може да се расправа во овие околности. Барањата што ги имаа никако не се прифатливи“,
изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.

Како што јавува Си-ен-ен, повикувајќи се на повеќе американски извори, Иран во последните недели ги засилил напорите за заштита на своите складишта со ураниум, за кој се верува дека е збогатен речиси до нивото потребно за атомска бомба. Наводно се урнати тунели и се поставени мини на влезовите во локациите каде што го држат материјалот поради кој и се води клучниот спор веќе со децении.
„Освен укинувањето на поморската блокада, останува расправата за темите за следниот круг преговори, нуклеарното прашање, укинувањето на санкциите и планот за обнова и економски развој. Механизмите ќе се договорат во текот на следните преговори. Потоа следи и расправа за блокираните ирански средства“,
наведува Аракчи.
Па така, познато е во што се клучните разлики меѓу страните – Иран не прифаќа целосно напуштање на нуклеарната програма, бара итно укинување на санкциите и контрола над Ормускиот Теснец, а и инсистира Либан да биде дел од решението. Посредникот во турбулентниот мировен процес, Пакистан, најави скоро заклучување на првата фаза.
Веќе синоќа берзите силно позитивно реагираа на најавата за извесниот договор со кој постепено би се тргнало кон нормализација на светското снабдување со нафта, но и со други стратешки суровини од регионот на Персискиот Залив.
