Шефот на дипломатијата потенцираше дека додека владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, а бизнис-заедницата е таа која ја создава реалната вредност и нови работни места

Турција останува еден од најважните економски и трговски партнери на Македонија, а трговската размена меѓу двете земји во изминатата година ја достигна историската граница од една милијарда американски долари. Ова преку објава на Фејсбук го соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој денеска учествува на бизнис-форумот „Северна Македонија – Турција“ во Истанбул.
Форумот е примарно посветен на унапредување на билатералните економски врски, зголемување на трговската размена и продлабочување на инвестициската соработка меѓу двете земји.
Министерот Муцунски имал обраќање пред присутните на бизнис-форумот посветен на напредување на економските врски, трговската размена и инвестициската соработка меѓу двете земји.
„Пораката што ја упатив е јасна: економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика, туку нејзино јадро. Успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните“,
пишува Муцунски на својот фејсбук-профил.
Шефот на дипломатијата потенцираше дека додека владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, а бизнис-заедницата е таа која ја создава реалната вредност и нови работни места.
Тој смета дека е неопходно дополнително да се зајакне соработката и да се поттикнат нови партнерства во ИКТ-сектор, иновациите, инфраструктурата, логистиката, агробизнисот и туризмот.
Според Муцунски, засилувањето на овие економски врски не е корисно само за двете држави, туку тоа значи поголема поврзаност, стабилност и можности за развој на целиот регион.
На бизнис-форумот во Истанбул денеска учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски кој во обраќањето ги повика турските инвеститори да станат дел од развојната приказна на Македонија, нагласувајќи дека земјата нуди стабилна бизнис-клима, поволни услови за инвестирање и јасна визија за економски развој.
