Во текот на дводневниот престој во Турција, според премиерот, ќе бидат презентирани можностите што ги нуди македонската економија, како и мерките и поддршката што Владата ги обезбедува за привлекување странски директни инвестиции
„Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација со стратешка географска положба, современи индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании преку инвестирање во земјава можат да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироките пазари“, рече тој
Постои голем интерес кај турските компании за инвестирање во Македонија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по учеството на бизнис-форумот во Истанбул, каде заедно со владина и бизнис-делегација ги презентира можностите на македонската економија.
Целта на посетата, како што рече во видеообраќањето на Фејсбук, е поврзување на македонските компании со турските бизниси и отворање нови можности за економска соработка и инвестиции.

„Ја продолжуваме традицијата на организирање Б2Б-настани и средби, што ја започнавме во Унгарија и Австрија, а потоа ја продолживме и со хрватската бизнис-заедница во Охрид. Сега сме во Истанбул со цел македонската економија и нашите компании да се поврзат со турските бизниси. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија“,
рече тој.
Според него, во текот на дводневниот престој во Турција ќе бидат презентирани можностите што ги нуди македонската економија, како и мерките и поддршката што Владата ги обезбедува за привлекување странски директни инвестиции.
„Од престојот во Турција очекувам многу успешни состаноци и дека ќе бидат испратени силни пораки“,
кажа премиерот.
Во обраќањето на бизнис-форумот, Мицкоски ги повика турските инвеститори да станат дел од развојната приказна на Македонија, нагласувајќи дека земјата нуди стабилна бизнис-клима, поволни услови за инвестирање и јасна визија за економски развој.
Посочи дека Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба и меѓусебна почит, кои претставуваат силна основа за натамошно продлабочување на економската соработка.
„Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација со стратешка географска положба, современи индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании преку инвестирање во земјава можат да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироките пазари“,
рече Мицкоски во обраќањето.
Во фокусот на форумот се можностите за зајакнување на економската соработка, зголемување на трговската размена и отворање нови инвестициски перспективи. Пред присутните беше претставена и Мапата за инвестирање во Северна Македонија, која ги содржи клучните информации за инвестициските потенцијали, развојните зони и можностите за вложување во земјата.
Форумот беше организиран во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, што се реализира во соработка со УНДП.
