Вицепремиерот и министер за транспорт ги повика турските компании да учествуваат на меѓународните повици, додавајќи дека голем број од нив веќе работат на македонскиот пазар и даваат значаен придонес во развојот на економијата, отворањето нови работни места и зголемувањето на конкурентноста
Зголемувањето на економската соработка, трговската размена и инвестициите меѓу Македонија и Турција, како и унапредување на билатералните односи се во фокусот на средбата меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу, која се одржа денеска во рамките на македонско-турскиот бизнис во Истанбул.

На состанокот се потврдени заедничките заложби на двете земји за продлабочување на економските односи, при што се разговараше за конкретни чекори за зголемување на трговската размена, поттикнување на инвестициите и подобрување на деловната клима за компаниите од двете држави.
„Турција претставува еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија. Долгогодишните пријателски односи се темел врз кој се развива економската соработка. Целта е преку нови иницијативи и зголемена економска активност да ги подигнеме односите на уште повисоко ниво“,
рекол Николоски на состанокот, соопшти Министерството за транспорт.

Посебен акцент во разговорите, како што информира Министерството за транспорт, е ставен на развојот на инфраструктурата и регионалното поврзување, при што Николоски посочи дека во Македонија се реализира најобемниот инвестициски циклус во модернизација на инфраструктурата и ги повика турските компании да учествуваат на меѓународните повици.
„Голем број успешни турски компании веќе работат на македонскиот пазар и даваат значаен придонес во развојот на економијата, отворањето нови работни места и зголемувањето на конкурентноста. Токму ваквите позитивни искуства претставуваат дополнителен поттик за привлекување нови инвеститори“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.
Двете страни се согласија дека Македонија и Турција ќе продолжат да градат силно партнерство засновано на меѓусебна доверба, пријателство и заедничка визија за економски развој и регионална соработка.
