Според ВМРО-ДПМНЕ, во тек е постапка за вработување на пет инспектори за македонски јазик, кои ќе поминат и соодветна обука за лиценцирање. Дополнително, се прибираат податоци од државните институции за бројот на вработени лектори и за степенот на почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик, по што Инспекторатот ќе преземе соодветни мерки
Во реакцијата се упатуваат и критики кон Костадиновска-Стојчевска поради, како што велат, нејзиното отсуство од Собранието, оценувајќи дека надзорната расправа што ја барала можела да биде одржана порано доколку таа активно ги извршувала своите пратенички обврски
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со сопштение дека пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Бисера Костадиновска-Стојчевска го користи прашањето за македонскиот јазик за политички маркетинг, наместо за суштинска и институционална работа.
Ова следи откако таа денеска побара претседателот на Собранието, Африм Гаши, да овозможи одржување на надзорна расправа за Законот за употреба на македонскиот јазик, обвинувајќи ја власта дека две години нема имплементирано ниту една одредба од Законот и покрај алармирањата на опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека додека Костадиновска-Стојчевска патува во странство, Министерството за култура и туризам работи на спроведување на законските обврски поврзани со употребата на македонскиот јазик.
„Законот за употреба на македонскиот јазик беше донесен во јануари 2024 година со поддршка на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. По завршувањето на сите собраниски процедури, во јули 2025 година започна со работа Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, прв ваков орган во државата“,
наведуваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во тек е постапка за вработување на пет инспектори за македонски јазик, кои ќе поминат и соодветна обука за лиценцирање. Дополнително, се прибираат податоци од државните институции за бројот на вработени лектори и за степенот на почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик, по што Инспекторатот ќе преземе соодветни мерки.
Од партијата посочуваат дека е формирана и работна група која работи на подготовка на Национална стратегија за македонскиот јазик.
Во реакцијата се упатуваат и критики кон Костадиновска-Стојчевска поради, како што велат, нејзиното отсуство од Собранието, оценувајќи дека надзорната расправа што ја барала можела да биде одржана порано доколку таа активно ги извршувала своите пратенички обврски.
„Госпоѓо Костадиновска-Стојчевска, наместо да ја барате надзорната расправа со ургенции и театар, подобро беше да останевте во Скопје и да ја вршевте својата работа. Тогаш можеби надзорната расправа ќе беше одржана уште во март, кога ја најавивте. Очигледно, патувањата беа поважни. Македонскиот јазик не е политичка битка како што велите, тој е државна и национална обврска. Ние ја работиме таа обврска сериозно и институционално, а не со прес-конференции и обвинувања“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата додаваат дека резултатите се постигнуваат преку конкретна работа и институционален пристап, а не преку партиски игри и лицемерие.
Реакцијата на пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, доаѓа во момент кога вакви обвинувања изнесе и експретседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, која пред еден месец поднесе неотповиклива од функцијата, а пред два дена се произнесе за причините поради кои ја донела ваквата одлука.
Според неа, ова не е политичка битка, туку битка за зачувување и унапредување на македонскиот јазик.
Жално е, додава таа, при донесен Закон да се слушне реченицата „Никој не се грижи за македонскиот јазик“, која ја употреби експретседателката на Советот за македонски јазик во образложението за поднесената оставка.
„Иако постојано предупредувавме дека Законот за употреба на македонски јазик, кој беше донесен во јануари 2024 година не се применува, на никого во ВМРО-ДПМНЕ како да не му е гајле. На 23.03.2026 пратеничката група на СДСМ поднесе барање за одржување на надзорна расправа за нефункционирањето на Законот за македонски јазик. Или, како и што слушаме и читаме деновиве, нема Стратегија за македонски јазик, нема Национална стратегија и национален став за негување на македонскиот јазик. Македонскиот јазик и тие кои се грижат за него се игнорирани од страна на министерот. Ако на една страна го ставиме законот, а на друга страна реакциите на јавноста по повод не преземање ништо од страна на ресорното министерство, секој нормален би се запрашал: дали министерот Љутков го мрази македонскиот јазик и никако да го стави како приоритет?“,
рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во парламентот.
