Во демантот испратен до медиумите, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат дека истражувањето на Центарот за граѓански комуникации е поткрепено со докази со кои би се потврдило наводното незаконско постапување, додавајќи дека постапката е спроведена во рамките на законите, врз основа на заклучоци на Владата и со цел навремена и безбедна евакуација на македонските државјани
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги отфрли како невистинити наводите изнезени во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во кое се нотираат низа неправилности во постапката што Министерството ја спроведе во март годинава за евакуација на македонски државјани од Блискиот Исток.

Во демантот испратен до медиумите, од МНР велат дека истражувањето не е поткрепено со докази со кои би се потврдило наводното незаконско постапување, додавајќи дека постапката е спроведена во рамки на законите, врз основа на заклучоци на Владата и со цел навремена и безбедна евакуација на македонските државјани.
„Особено загрижува фактот што во анализата целосно се игнорира контекстот во кој беше спроведена постапката“,
велат од МНР.
Оттаму негираат дека ја оневозможиле конкуренцијата во постапката, посочувајќи дека најпрво биле доставени покани до девет различни кекономски оператори, што, како што велат, претставува повеќе од доволен број за обезбедување конкуренција во услови на итност.
„Ниту една од поканетите компании не достави понуда. Дури по неуспешното завршување на првата постапка и по добиените информации од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата ‘ФлајДубаи’ може да обезбеди летови, беше отпочната постапка со единствениот субјект кој во тие околности можеше со сигурност да ја реализира услугата. Апсолутно неточно е тврдењето дека Министерството произволно избрало економски оператор. Изборот беше направен врз основа на информации добиени од дипломатско-конзуларната мрежа и по претходно исцрпување на сите други реални можности за организација на летовите“,
посочуваат од Министерството за надворешни работи.
Според МНР, во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации целосно е изигнориран фактот дека „ФлајДуаби“ е национална нискобуџетна авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати, од каде што требаше да бидат евакуирани македонските државјани и тоа во услови на воен конфликт, кога националните авиокомпании на ОАЕ биле меѓу ретките реални и достапни опции за безбедна и навремена евакуација на граѓаните.
Во однос на наводите дека летовите во вредност од еден милион евра биле плаќани однапред и тоа над законски предвидениот лимит, од Министерството велат дека условот средствата да бидат исплатени пред реализацијата на летовите не бил утврден од МНР, ниту од избраниот оператор, туку претставувал објективен услов наметнат од локалните превозници и специфичните пазарни услови на Блискиот Исток во услови на воена криза.
„Во ситуации кога се спасуваат човечки животи, државата е должна да постапува брзо и ефикасно, а не да дозволи административни процедури да ја доведат во прашање безбедноста на сопствените граѓани“,
додаваат оттаму.
Од МНР обвинија за сензационалистичко известување во анализата на Центарот за граѓански комуникации и игнорање на фактите во постапката. Оттаму додадоа дека остануваат целосно отворени за проверка на сите аспекти од постапката, инсистирајќи на тоа дека е постапено согласно законите и во интерес на граѓаните.
