Од ДУИ велат дека овие договори не се врзани само за еден политички период во општината. Два од договорите се потпишани за време на мандатот на Висар Ганиу, додека преостанатите два се склучени во периодот кога со општината контролираат политичките структури на Изет Меџити

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинува за корупција и нетранспарентно трошење на јавните пари во Општина Чаир. Од партијата тврдат дека новооснована компанија успеала за кратко време да добие четири милионски договори од општината, поради што бараат итна истрага од домашните институции и најавуваат информирање на европските и меѓународните партнери.
Според документите со кои располага ДУИ, станува збор за компанијата „НУМ КОНСТРАКШН ЛТД ДООЕЛ“, која била основана на 10 јули 2024 година. Од партијата нагласуваат дека за краток временски период по основањето, оваа фирма од Општина Чаир обезбедила четири договори во вкупна вредност од 212 954 005 денари, што е околу 3 462 665 евра.
Според податоците од договорите што ги наведува ДУИ, четирите договори се со различен износ:
Договор 1: 88 433 315 денари (околу 1,44 милиони евра)
Договор 2: 59 861 572 денари (околу 973 илјади евра)
Договор 3: 61 138 706 денари (околу 994 илјади евра)
Договор 4: 3 520 412 денари (над 57 илјади евра)
Од ДУИ велат дека овие договори не се врзани само за еден политички период во општината. Два од договорите се потпишани за време на мандатот на Висар Ганиу, додека преостанатите два се склучени во периодот кога со општината контролираат политичките структури на Изет Меџити.
Според опозициската партија, ова отвора сомнежи за ист модел на функционирање и исти кругови на интерес.
Дополнителен сомнеж, според ДУИ, има и во адресата на фирмата која е регистрирана на улица „Дижонска“ во Чаир.
„Достапната документација покажува дека станува збор за приватна адреса на живеење, а на истата адреса се регистрирани и други деловни субјекти поврзани со лица од истото семејство“,
се вели во соопштението на ДУИ, каде се додава дека иако ова само по себе не е доказ за незаконитост, сепак е доволна причина за целосна институционална проверка.
Партијата упати прашања до надлежните за тоа кои биле реалните референци и капацитети на фирмата за да добие толку големи јавни средства и дали биле проверени евентуални семејни, деловни или политички врски кои можеле да влијаат врз доделувањето на овие договори.
„Зошто институциите продолжуваат да молчат пред случаи кои во секоја функционална демократија би заслужувале итна истрага?“,
прашуваат од ДУИ.
Оттаму сметаат дека кога институциите молчат пред основани сомнежи за злоупотреба на јавните средства, се создава впечаток дека борбата против корупцијата не се води според законот, туку според политичките потреби на власта.
Затоа ДУИ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство итно отворање на предмет и проверка на сите околности под кои се доделени тендерите.
Истовремено, од ДУИ најавија дека за овој случај детално ќе ги информираат Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Европската комисија и меѓународните партнери за институционалното непостапување пред сериозни сомнежи за корупција во Чаир.
