Според претседателот на РКЕ, поминати се времињата кога енергетиката подразбираше едноставен однос меѓу производител, пренос и потрошувач, додавајќи дека денес станува збор за динамичен систем во кој сите чинители треба да вложат максимални напори за да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните
Сега, како што посочи, сме во фаза во која дигитализацијата и вештачката интелигенција ќе го определуваат понатамошниот развој на енергетскиот сектор
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, денеска на состанок со менаџментот на ЕВН Македонија и членовите на Комисијата порача дека енергетскиот сектор денес функционира во значително покомплексни услови отколку во минатото и бара континуирани инвестиции и стратешко планирање.

На состанокот Ристов рече дека се поминати времињата кога енергетиката подразбираше едноставен однос меѓу производител, пренос и потрошувач, додавајќи оти денес станува збор за динамичен систем во кој сите чинители треба да вложат максимални напори за да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните.
„Станува збор за сектор во кој е неопходен стратешки пристап и навремено планирање, бидејќи процесите се исклучително динамични. Очекувам да продолжите со инвестициите што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните. Во периодот што следува нѐ очекуваат бројни предизвици во подготовките за поврзување на домашниот со европскиот пазар на електрична енергија“,
рече тој на состанокот со менаџментот на ЕВН Македонија.
Осврнувајќи се на дведецениското присуство на ЕВН на македонскиот енергетски пазар, Ристов посочи дека се реализирани значајни промени како во техничкиот развој, така и во унапредувањето на услугите.
„Сега сме во фаза во која дигитализацијата и вештачката интелигенција ќе го определуваат понатамошниот развој на енергетскиот сектор“,
кажа Ристов.
