„Нашата војска ме информира дека Иранците синоќа собориле еден од нашите високософистицирани хеликоптери ʼапачиʼ кои патролираа во Ормускиот Теснец. Во случајот се инволвирани двајца пилоти, и двајцата се безбедни и неповредени. Сепак, Соединетите Американски Држави мора, по потреба, да одговорат на овој напад“, напиша американскиот претседател на неговата социјална платформа Трут соушл
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека според податоците што ги одбил од војската на САД, Иран го соборил хеликоптерот АХ-64 „апачи“ додека патролирал во Ормускиот Теснец.

Во објавата на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) тој напиша дека двајцата членови на екипажот на хеликоптерот се безбедни, истовремено најавувајќи дека Соединетите Држави ќе одговорат на инцидентот, без да наведе повеќе детали.
„Нашата војска ме информира дека Иранците синоќа собориле еден од нашите високософистицирани хеликоптери ʼапачиʼ кои патролираа во Ормускиот Теснец. Во случајот се инволвирани двајца пилоти, и двајцата се безбедни и неповредени. Сепак, Соединетите Американски Држави мора, по потреба, да одговорат на овој напад“,
наведе Трамп во објавата.
Двајца членови на екипажот беа безбедно спасени од американските сили откако нивниот хеликоптер „апачи“ се урна покрај брегот на Оман во близина на Ормускиот Теснец вчера вечерта, потврди претходно денеска Централната команда на САД (CENTCOM).
„Војниците беа безбедно спасени во рок од приближно два часа и се во стабилна состојба. Причината за инцидентот е под истрага“,
соопшти Централната команда на САД.
Оттаму додадоа дека воениот хеликоптер се урнал додека патролирал во регионални води. Хеликоптерите од типот „апачи“ американската војска првенствено ги користи за прецизни напади, блиска воздушна поддршка и воздушно извидување.

Изјавата на Трамп на неговата социјална платформа, како што пишуваат светските медиуми, ја зголеми неизвесноста околу можноста за постигнување договор меѓу САД и Иран за продолжување на примирјето договорено на 8 април.
Вчера, Израел и Иран изјавија дека ќе ги прекинат меѓусебните напади откако Трамп повика на прекин на првата директна размена на оган меѓу двете земји од почетокот на примирјето. Сепак, Техеран предупреди дека ќе продолжи да го напаѓа Израел доколку Тел Авив продолжи со ударите врз сојузникот на Иран, Хезболах, во Либан.
Новите случувања дополнително ги затегнаа напорите за постигнување мировен договор што би ставил крај на пошироката војна на Блискиот Исток и би го отворил Ормускиот Теснец.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, денеска изјави дека странските сили во близина на територијата на Иран се во постојан ризик поради сопствени човечки грешки, обични несреќи, како и поради можноста да се најдат во вкрстен оган, пренесе Би-би-си.
„За да се намали ризикот, најдобро решение е тие (странски сили) да заминат“,
наведе Аракчи во објава на социјалната платформа Икс.
Инаку, само неколку минути пред објавата на Трамп, главниот преговарач на Иран во мировните разговори со Вашингтон, Мохамед Бакер Калибаф, во објава на социјалните мрежи напиша:
„Ние го претпочитаме јазикот на дипломатијата, но многу течно зборуваме и други јазици. Прекршете ги вашите обврски и ние ќе преминеме на она што најдобро го зборуваме. Јавате на коњот што самите го оседлавте“.
