Таа вели дека една и пол година, колку што била претседателка на Советот за македонски јазик, немала ниедна средба со министерот за култура и туризам кој, како што додава, ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот, ниту ѝ се заблагодарил за сите активности што своеволно и пробоно ги направила лани во врска со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик
Еден месец откако објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата претседателка на Советот за македонски јазик при Министерството за култура и туризам, професорката Симона Груевска-Маџоска денеска на Фејсбук се огласи во врска со причините кои стојат зад ваквата одлука.
Груевска-Маџоска вели дека иако била решена да не дава изјави во јавноста во врска причините за нејзиното повлекување од фукцијата, била испровоцирана од вчерашната изјава на министерот за култура и туризам Зоран Љутков – дека оставката ја поднела од лични причини. Вистината, додава професорката, е поинаква.

Таа вели дека една и пол година, колку што била претседателка на Советот за македонски јазик, немала ниедна средба со министерот за култура и туризам кој, како што додава, ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот, ниту ѝ се заблагодарил за сите активности што своеволно и пробоно ги направила лани во врска со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик – настан за кој, како што тврди, Владата и Министерството за култура и не издвоиле буџет.
„Сите учесници што настапија на свеченоста во МНТ настапија без пари, па јас дури и сценариото го напишав без пари (нешто што го направив првпат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината. Прашањето е како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори. Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети!!!“,
пишува Груевска-Маџоска во објавата на Фејсбук.
Професорката вели дека речиси една година инсистирала да започне изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик. Во врска со ова прашање барала средба со правната служба во Министерството за култура и туризам од каде што ѝ пренеле дека се зафатени и дека треба да му се обрати лично на министерот Зоран Љутков. Со допис му се обратила на 29 мај 2025 година.
„Чекав повеќе од шест месеци на одговор, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот. Работната група за изработка на Стратегијата се формира дури на крајот на јануари 2026 година со член од Министерството за култура кој (која) беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Барав прием кај министерот и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив“,
додава Груевска-Маџоска.
Крајно, додава таа, се закажала расправа за Националната стратегија за култура, за која тврди дека никогаш бил исконсултиран Советот за македонски јазик, а во делот за македонскиот јазик се пишувале неточни работи.
„Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека ‘на нивен предлог сум била избрана за претседател’, што е класична закана. Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини и ја доставив до Владата, до Министерството за култура и до МОН. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието на Македонија и до Министерството за култура и туризам. Никој потоа не ме контактира (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството за култура и туризам. Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош!!!“,
додава експретседателката на Советот за македонски јазик.
Груевска-Маџоска вели дека ова се дел од причините од кои може да се извлече заклучок дека оставката ја поднела од објективни, а не од лични причини.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера најави дека на денешната владина седница ќе биде именуван нов претседател на Советот за македонски јазик.
