На денешната прес-конференција, Петрушевски соопшти дека според информации добиени од свиркачи, Богац преку комуникација на апликацијата Вибер со лице наречено Џемо го договарал тендерот, а митото од 2 000 евра било само прва исплата од повеќе средства што наводно требало да ги добие како награда
„И СДС и Филипче молчат и не се оградуваат од криминалните афери на своите членови. Еден ден е Богац, еден ден е поранешен градоначалник на општина, друг ден е член на Извршниот одбор на СДС, трет ден цели фамилии, браќа, братучеди, кланови. Од Филипче и СДС никаква осуда“, рече пратеникот од владејачката партија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска побара Јавното обвинителство да ги истражи наводите дека ексдиректорот на Царинската управа Стефан Богоев-Богац требало да добие 10 отсто од тендер во Царинската управа, вреден 18 милиони денари.

На денешната прес-конференција, Петрушевски соопшти дека според информации добиени од свиркачи, Богац преку комуникација на апликацијата Вибер со лице наречено Џемо го договарал тендерот, а митото од 2 000 евра било само прва исплата од повеќе средства што наводно требало да ги добие како награда.
„Јавното обвинителство мора да истражи дали е точна информацијата до која дојдовме дека Богац требало да добие 10 отсто од местениот тендер, односно 1,8 милиони денари“,
рече пратеникот на денешната прес-конференција.
Петрушевски упати критики кон опозицискиот Социјалдеократски сојуз (СДСМ) и лидерот на партијата, Венко Филипче, посочувајќи дека не се оградуваат од криминални афери поврзани со нивни членови и функционери.
„И СДС и Филипче молчат и не се оградуваат од криминалните афери на своите членови. Еден ден е Богац, еден ден е поранешен градоначалник на општина, друг ден е член на Извршниот одбор на СДС, трет ден цели фамилии, браќа, братучеди, кланови. Од Филипче и СДС никаква осуда“,
кажа тој.
Според него, во случајов станува збор за матрица на владеење на СДСМ и повика надлежните институции целосно да го расчистат случајот.
„Колку пари требал да земе Богац за Филипче да го смета ова за криминал? Дали можеби 20 отсто, како што Филипче зема за модуларната?“,
праша Петрушевски.
Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, и уште три лица се осомничени дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.
Од Обвинителството соопштија дека постои основано сомнение оти периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договор за јавна набавка за ангажирање фирма за надворешно одржување хигиена на терминали на гранични премини.
Тие, според Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), фаворизирале одреден економски оператор и со ограничување на конкуренцијата ѝ овозможиле на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18 479 692 денари. Истрагата е отворена по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција и во неа покрај Богоев се опфатени поранешен помошник-директор на Царината, управител на фирма и вработен во неа.
Според Обвинителството, досега обезбедените докази укажуваат дека првосоомечениот Богоев ја искористил својата службена положба и како директор на Царинската управа во наведениот период влијаел врз спроведувањето на тендерот во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот како помошник-директор на Царината, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од тендерската постапка.
На 3 јуни скопскиот Основен кривичен суд го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и им одреди триесетдневен притвор на Богоев и на уште три лица осомничени за повеќе кривични во врска со местење тендерска постапка во Царината.
Од Основниот кривичен суд Скопје вчера соопштија дека Обвинителството и јавниот обвинител сè уште немаат дадено мислење во однос на жалбата за триесетдневен притвор за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев.
Жалбата, како што наведуваат од судот, била доставена во петокот.
