Израел утрово одговори со одмазднички напади, кои дојдоа само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не возвраќа на иранскиот ракетен напад што се случи вчеравечер
Иранските државни медиуми, како што пренесуваат светските агенции, објавиле дека одекнале експлозии во Техеран, Исфахан, Карај и Тибриз, а Иранската револуционерна гарда соопшти дека израелските сили во нападите употребиле балистички ракети лансирани од воздух
Засега нема коментар од Белата куќа во врска со израелските напади и дали тие се извршени во координација со Соединетите Држави
Израелските сили утрово започнаа воздушни напади врз цели во централен и западен Иран, потег на Тел Авив, кој доаѓа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика својот сојузник на воздржаност од одмазднички напади, јавуваат светските медиуми.

Станува збор за прва директна размена на оган меѓу Израел и Иран откако во април беше договорено примирје меѓу Соединетите Американски Држави и Израел, од една, и Иран, од друга страна. Новата ескалација, како што пишува „Гардијан“, повторно се заканува да го врати Блискиот Исток во регионална војна, откако Израел и Иран почнаа со меѓусебни напади. Иран викендов изврши напади над Израел, како одговор на ударите на Тел Авив врз главниот град на Либан, со образложение дека цел се силите на Хезболах, кои ја имаат поддршката на Техеран.
Израел утрово одговори со одмазднички напади, кои дојдоа само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не возвраќа на иранскиот ракетен напад што се случи вчеравечер.
„Јас ги носам одлуките. Тој (Нетанјаху) не ги носи одлуките“,
изјави Трамп.
Иранските државни медиуми, како што пренесуваат светските агенции, објавиле дека одекнале експлозии во Техеран, Исфахан, Карај и Тибриз, а Иранската револуционерна гарда соопшти дека израелските сили во нападите употребиле балистички ракети лансирани од воздух.
По израелските напади, Иран го затвори воздушниот простор околу меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во Техеран, инаку главен аеродром во земјата.
Засега нема коментар од Белата куќа во врска со израелските напади и дали тие се извршени во координација со Соединетите Држави.
Поради опасност од проширување на нападите и понатамошна дестабилизација, Саудиска Арабија утрово ги вклучила уредите за звучно предупредување во областа близу воздухопловната база „Принц Султан“, каде што се стационирани американски сили.
Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека се обидува да пресретне ракета лансирана од Јемен, каде бунтовничката секта хути се приклучи во војната на Блискиот Исток, поддржувајќи го Техеран.
Инаку, синоќа Техеран лансира десетина балистички ракети кон северен Израел, како одговор на израелското бомбардирање цели во Јужен Бејрут. Според израелската војска, сите ирански ракети биле пресретнати, а дел завршиле во отворени области. Канцеларијата на премиерот Нетанјаху соопшти дека израелската армија нападнала команден центар на милитантите во областа Дахија во Бејрут, како одговор на ударите на Хезболах врз израелска територија. Според либанското Министерство за здравство во нападите две лица биле убиени, а околу 20 ранети.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, кој е и главен преговарач на Техеран во разговорите со Вашингтон, ги обвини Соединетите Држави дека дале зелено светло за нападот врз Бејрут, наведувајќи дека американските и израелските сили сега се легитимни цели.
Инаку, по бомбардирањето во Бејрут и одмаздата на Иран, Трамп за Фокс њуз изјави дека Иран сака да престане со нападите и да се врати на преговарачка маса, посочувајќи дека ударите на Израел врз Либан не биле координирани со САД. Во таа насока, тој отворено го изрази своето незадоволство од потегот на Израел.
„Не сум задоволен од тоа“,
изјави Трамп.
Висок американски функционер, говорејќи под услов на анонимност, за дел од светските агенции изјавил дека Трамп го повикал Нетанјаху со барање да не возвраќа веднаш на иранскиот ракетен напад, верувајќи притоа дека го убедил израелскиот премиер.

Инаку, израелските напади врз цели во Либан беа пречка во разговорите што САД и Иран ги водат за постигнување ново примирје кое би било подлога за натамошни преговори за потешките прашања околу кои Вашингтон и Техеран имаат разлики. Имено, Техеран инсистира Либан да биде вклучен во поширокиот договор за прекин на огнот.
Вчера, Трамп за Ен-би-си њуз изјави дека не бара Либан да биде дел од каков било мировен договор со Иран, тврдејќи повторно дека таков договор, кој досега се покажа како недостижен, е близу.
„Мислам дека би сакале да го видат тоа, но јас не барам… Многу сме блсику до договор, инаку ќе го уништам Иран“,
рече Трамп.
Пред вчерашниот напад, Израел издаде наредба за присилна евакуација на поголемиот дел од градот Тир, еден од најголемите во Јужен Либан, кој е домаќин на илјадници луѓе раселени од селата во околното подрачје. Подоцна беа видени облаци чад како се издигаат од градот.
Борбите во Либан започнаа на 2 март кога Хезболах лансира ракети кон Израел како одмазда за убиството на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, што доведе до копнена инвазија на израелските сили врз Јужен Либан.
