Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој вели дека одлуките ги носи Вашингтон, а дека Израел нема да има друг избор освен да го прифати она што е конечно
По најновата ескалација на тензиите и размената на напади меѓу Иран и Израел, го повика Техеран да се врати на преговарачката маса
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да има друг избор освен да го прифати секој договор што Соединетите Американски Држави (САД) ќе го постигнат со Иран.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено вчера, Трамп посочи дека конечните одлуки ги носи Вашингтон.
„Тие нема да имаат друг избор“,
изјави Трамп, пренесува Ројтерс.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии на Блискиот Исток. Израел вчера изврши напад врз предградие на Бејрут, откако САД минатата недела го претставија мировниот план за Либан. Подоцна, Иран лансира ракети кон израелски цели, што дополнително ги усложни напорите за постигнување поширок мировен договор во регионот.
Иранските власти претходно соопштија дека евентуалниот мировен договор со САД ќе зависи од почитувањето на прекинот на огнот во Либан. Израел во март започна воени операции во земјата, насочени кон борците на Хезболах, кои отворија оган кон израелска територија во знак на поддршка за Иран.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда информира дека ракетните напади врз Израел претставуваат предупредување и најави поширок одговор против американски и израелски цели во регионот доколку, како што наведоа, продолжат агресиите.
Во изјава за „Фокс њуз“, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека иранскиот напад нема да придонесе за напредок на преговорите.
„Тоа сигурно нема да им помогне на преговорите. Она што ќе му го предложам на Иран е – ги истрелавте ракетите, доста е. Вратете се на преговарачката маса и склучете договор“,
кажа Трамп.
На прашањето за израелскиот напад врз Бејрут, Трамп кратко одговори дека не е задоволен од тој потег.
Според извештаите, ова е прв ирански напад врз Израел од стапувањето во сила на примирјето поддржано од САД на 8 април.
