На ова се спротивставија пратениците на „Европскиот фронт“ и Албанската лига кои сметаат дека законот треба да се носи со т.н. „голем Бадентер“ или мнозинство од вкупниот број пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници. Сепак, нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството
Предлог-законот за правична и соодветна застапеност да се носи со „мал Бадентер“ – одлучи на денешната седница собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ и двајца „против“. Тоа значи дека предлог-законското решение треба да биде донесено со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците на немнозинските заедници.

На ова се спротивставија пратениците на „Европскиот фронт“ и Албанската лига, кои сметаат дека законот треба да се носи со т.н. „голем Бадентер“ или мнозинство од вкупниот број пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници. Сепак, нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството.
Пратениците од опозициските партии на Албанците го критикуваа законското решение посочувајќи дека со него не се предвидени квоти, ниту, пак, контрола врз почитувањето на правичната застапеност, за што оценија дека би имало долгорочни последици. Владејачката Влен, пак, ги потсети пратениците на „Европскиот фронт“ дека и Законот за употреба на јазиците бил донесен со т.н. „мал Бадентер“ и дека тоа никому не му пречело.
По седницата на Комитетот за односи меѓу заедниците следуваше седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која, образложувајќи го предлог-законот, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали рече дека по првпат правичната и соодветна застапеност се издигнува на ниво на закон и се става крај на претходните решенија, за кои рече дека биле делумни.
„’Балансерот’ беше само дигитална алатка и делумно решение кое не може да се спореди со едно сеопфатно законско решение. По 23 години, Влен конечно го заокружува ова прашање со закон што ја ужива поддршката од Советот на Европа, бидејќи за него е дадено позитивно мислење од Венецијанската комисија“,
истакна Сали, додавајќи дека со овој закон се прави историски чекор во унапредување на Охридскиот договор.
Тој ги повика сите пратеници да го поддржат предлог-законот, велејќи дека правичната и содветната застапеност не е прашање што ѝ припаѓа само на една политичка партија, туку е темелна вредност на уставниот поредок.
