Проектите се избрани на јавен конкурс објавен во септември лани во согласност со договорот меѓу владите на Македонија и Австрија за научна и технолошка соработка од 2008 година. Шест од избраните проекти се од областа на инженерството и технологијата, пет од природно-математичките науки, два од земјоделските и ветеринарните науки и еден од општествените науки
Министерството за образование и наука (МОН) ќе финансира 14 заеднички научноистржувачки проекти на Македонија и Австрија во области со висок развоен потенцијал, и тоа – паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електромашинска индустрија, индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни згради, енергија на иднината и туризам.

Договорите за финансирање на проектите денеска беа потпишани од страна на носителите на проектите и од министерката за образование Весна Јаневска, која информира дека за секој проект МОН ќе издвои по 600 000 денари (речиси 10 000 евра), а рокот за нивна реализација ќе биде две години, почнувајќи од 1 јули годинава.
Проектите, додаде таа, се избрани на јавен конкурс објавен во септември лани во согласност со договорот меѓу владите на Македонија и Австрија за научна и технолошка соработка од 2008 година.
„На конкурсот за избор на проекти беа поднесени 18 апликации. Пристигнатите проекти беа изработени преку партнерства на државни и приватни универзитети, јавни и приватни научни институти и факултети од двете земји. По спроведените рецензии и од македонска и од австриска страна, беше утврдено дека 14 ги исполнуваат условите и критериумите за да бидат финансирани. Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ Скопје е носител на девет од прифатените проекти, на три е Универзитетот ‘Гоце Делчев’ Штип и по еден имаат Меѓународниот балкански универзитет – Скопје и приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени – Скопје“,
посочи Јаневска.
Шест од избраните проекти се од областа на инженерството и технологијата, пет од природно-математичките науки, два од земјоделските и ветеринарните науки и еден од општествените науки.
Министерката потенцира дека ова не е прв циклус на ваква соработка, но оти првпат приоритет им е даден на проектите од техничките и природно-математичките науки, односно на областите што се препознаени како клучни за економски развој преку Стратегијата за паметна специјализација.
