Од Aгенцијата тврдат дека повеќепати побарале безбедносна проценка од службите на земјата домаќин, но не ја добиле
И покрај предупредувањето, претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјави дека Вучиќ не сака да го прекрши ветувањето дадено на европските партнери и не се откажува од учеството на самитот во Тиват
Црногорските медиуми објавија дека повеќе од 1 500 полицајци ќе го обезбедуваат самитот на 4 и 5 јуни во Тиват, на кој треба да се соберат учесници на највисоко политичко ниво
Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) му препорача на српскиот претседател Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват поради утврден висок безбедносен ризик.

Според соопштението на БИА, препораката е донесена поради непријателски активности на странски служби и криминални групи во Црна Гора.
Од Aгенцијата тврдат дека повеќепати побарале безбедносна проценка од службите на земјата домаќин, но не ја добиле.
Според нивните оперативни сознанија, како што пишуваат српските медиуми, во Црна Гора се наоѓа Радоје Звицер, кого српските власти го посочуваат како еден од водачите на кавачкиот криминален клан.
И покрај предупредувањето, претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјави дека Вучиќ не сака да го прекрши ветувањето дадено на европските партнери и не се откажува од учеството на самитот во Тиват.
Црногорската полиција вчера им забрани влез во земјата на група од околу 90 лица од Србија што пристигнаа на аеродромот во Тиват со чартер-лет, поради сомнение за субверзивни активности пред Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Сите патници на чартер-лет од Белград до Тиват што се задржани на аеродромот во Тиват при обид за влез во Црна Гора, околу 16 часот се вратени во Белград со истиот авион со кој патувале.
Како што пишуваат српските медиуми, кај нив се пронајдени транспаренти со натпис „Србија победува“, како и радио-станица за комуникација.
Дел од приведените и претходно се поврзувани со инциденти на јавни собири и протести во Србија.
Црногорските медиуми објавија дека повеќе од 1 500 полицајци ќе го обезбедуваат самитот на 4 и 5 јуни во Тиват, на кој треба да се соберат учесници на највисоко политичко ниво. Меѓу нив се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер Педро Санчез, италијанската премиерка Џорџа Мелони и бројни други европски и регионални лидери.
