Според него, кога и самиот Антонио Кошта го потврдил она што тие го зборуваат со години наназад, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија продолжуваат да шират лажни вести
Посочи дека СДСМ ја поддржува европската интеграција и внесувањето на малцинствата во Уставот, оценувајќи дека тоа ќе овозможи отворање на европските фондови и подобрување на животниот стандард
Оцени дека државата се наоѓа пред историска шанса која не смее да се пропушти, предупредувајќи дека секое одложување може да значи долгорочно останување надвор од Европската Унија
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, при вчерашната посета во Скопје јасно потврдил дека уставните измени се единствениот услов за продолжување на европскиот пат на земјава, без дополнителни барања.
Од денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче / Фото: СДСМ
„Вистината излезе на виделина, нема дополнителни гаранции, нема дополнителни услови. Постои само едно: уставни измени. Сè друго е измислица и пропагандна кампања на власта“,
рече тој.
Според него, актуелната власт предводена од премиерот Христијан Мицкоски дошла на власт со ветувања за подобрување на преговарачката позиција, но сега е јасно, како што вели, оти не постојат можности за одложено дејство или дополнителни гаранции за уставните измени.
„И сега е јасно, така како што укажувавме целиот изминат период. Такви гаранции е невозможно да се добијат. Одложено дејство на уставните измени едноставно нема. И тоа беше лага со која и Христијан и неговата банда ја манипулираа јавноста“,
вели Филипче.
Сепак, додава дека сега кога и самиот Антонио Кошта го потврдил она што тие го зборуваат со години наназад, Мицкоски и неговата пропагандна машинерија продолжуваат да шират лажни вести.
„Ќе јадеме корења, Швајцарија не е во Европска Унија, Европа се распаѓа, Турција не е во Европската Унија и веќе неговата позната изјава ни милиметар нема да се поместиме. Додека пола влада, пратеници, функционери на ВМРО имаат бугарски, односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба да чекаат со децении, според нив, и замислете, да јадат корења. Значи сите да јадат корења, а владата, претставниците на властав со владиниот авион да одат на море. Дали е тоа патриотизам? Не, тоа е само едно големо лицемерие. И тие кампањи преку ботови, скапо платени наративи и агенда практично копирана на нашиот северен сосед е да се спречи внесувањето на малцинствата во Уставот, а со тоа практично да целосно запре европскиот пат на земјава. И не затоа што е загрозен македонскиот идентитет, туку заради тоа што е загрозена нивната криминална власт“,
кажа лидерот на опозициската партија.
Филипче вели дека Мицкоски и неговата организирана криминална група не сакаат европска интеграција затоа што таа носи европски стандарди во судството и обвинителството, и зголемена одговорност.
Европските процеси подразбираат крај на, како што наведе, политички влијанија врз обвинителите и воспоставување целосна контрола и отчетност.
„Затоа ова прашање што е пред нас го нарекуваат бугарско прашање, а всушност станува збор за барање од секоја една земја членка на Европската Унија. Треба да се внесат малцинства не само бугарското и хрватското коешто тука живее, а веќе се спомнати други малцинства кои веќе живеат во Македонија. И затоа се форсира тезата дека се преговара со Бугарија, а всушност се преговара со Европска Унија“,
вели тој.
Според него, СДСМ ја поддржува европската интеграција и внесувањето на малцинствата во Уставот, оценувајќи дека тоа ќе овозможи отворање на европските фондови и подобрување на животниот стандард.
„Ќе се отворат фондовите, ќе стигнат пари, кои ќе се трошат со сериозна контрола, а граѓаните ќе почувствуваат подобрување на квалитетот на животот. Младите ќе ја гледаат својата иднина тука“,
вели тој.
Посочи дека уште во април минатата година во Брисел изразил поддршка за подобрување на преговарачката позиција на државата и оти тогаш презел одговорност за поддршка на уставните измени со цел отворање на пристапните поглавја со Европската Унија.
СДСМ останува конзистентен во своите ставови, и покрај, како што рече, силната пропаганда дека уставните измени носат ризик.
Партијата, како што потсети, претходно предложила заедничка резолуција за национални црвени линии, како и одржување референдум за европскиот пат, со цел граѓаните директно да се изјаснат.
„Даваме поддршка на процесот кој започнува со уставни измени и води кон отворање и затворање на поглавјата, како што тоа го направиле сите земји членки“,
Оцени дека државата се наоѓа пред историска шанса која не смее да се пропушти, предупредувајќи дека секое одложување може да значи долгорочно останување надвор од Европската Унија.
Ја обвини актуелната власт за блокада на европскиот пат и порача дека граѓаните заслужуваат подобар животен стандард и европска иднина, а не изолација.
„Гледаме дека со најавата и изјавата на Христијан Мицкоски дека нема да се поместиме ни чекор и дека сме спремни да чекаме со децении, тој таа изјава ја кажува со некакво чудно задоволство, а таа цена сите нас ќе не чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме со ова многу важно прашање за државата, затоа што суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата“,
кажа тој.
Според него, државата нема перспектива доколку продолжи актуелниот политички правец, обвинувајќи ја власта за создавање состојби кои ја загрозуваат европската иднина на земјата.
СДСМ бара распишување референдум, на кој граѓаните би се изјасниле за идниот правец на државата.
„Треба граѓаните да кажат кој пат на развој на државата го сакаат“,
порача Филипче, додавајќи дека земјата заслужува интеграција во Европската Унија, каде што припаѓа историски, географски, политички и културно.
Смета дека единствениот пат напред е преку реформи и забрзување на европскиот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, имал изградено искрен однос, но оти постојат разлики во нивните ставови околу одредени прашања поврзани со евроинтегративниот процес на државата.
„Со Кошта имаме изградено искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се согласуваме. Една од темите околу која не се согласуваме е токму оваа. Нашиот став е јасен и непроменет. Нема цена што ќе нè натера да влеземе во авантура без да знаме дека тоа ќе има извесен крај. Многу пати на граѓаните, но и на политичарите им беа давани ветувања, беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, но за жал, ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 26 години“,
рече тој.
Премиерот се осврна и на состојбите во односите со Бугарија, наведувајќи дека, според неговите информации од билатерални разговори меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, состојбата се радикализира.
Премиерот порача дека Владата има сила да се справи со предизвиците и дома и на надворешен план, оценувајќи дека евроинтегративниот процес е маратон, а не спринт.
Упати повик до јавноста за обединување околу политиките на Владата во однос на евроинтеграциите и спорот со Бугарија, нагласувајќи дека единството ја зајакнува државата и внатрешно и надворешно.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски рече дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека исто како што кажал и пред една година, важи и сега, односно дека треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од тоа.