Според него, од вкупно 16 закони кои требало да бидат донесени до јуни 2025 година, биле усвоени само шест, по што за преостанатите 10 закони бил добиен дополнителен рок до јуни 2026 година. Од нив, како што наведе, досега се донесени само два закона – Измените на царинскиот закон и Законот за безбедност на мрежни информациски системи
Лидерот на СДСМ предупреди дека времето за спроведување на реформите истекува, додека земјите од регионот, како Црна Гора и Албанија, бележат напредок во преговорите со Европската Унија
„Затоа, распишете референдум, нека кажат граѓаните, дали сакаат или не сакаат во Европа, така како што вие сакате да ги уплашите почитувани претседатели на власта и премиере Христијан Мицкоски. Лесно ти е тебе, и на твојата банда. Се грижите само за вас. На крај памет не ви паѓа како живеат граѓаните тука во државата“, порача Филипче на денешната прес-конференција
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Венко Филипче денеска обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не ги исполнила обврските од Реформската агенда, оценувајќи дека со тоа се потврдила уште една негова голема лага.

„Денеска, на 1 јуни, официјално истекува рокот што премиерот Христијан Мицкоски го постави пред граѓаните, а тоа е да се исполнат неисполнетите точки од Реформската агенда. И се потврди уште една јасна и недвосмислена лага на Христијан Мицкоски – така дојде на власт, со лаги, така и владее“,
рече тој на почетокот на денешната прес-конференција од седиштето на партијата.
Филипче потсети дека рокот за исполнување на дел од реформите истекува на 1 јуни и посочи дека реализацијата е далеку под очекувањата.
Според него, од вкупно 16 закони кои требало да бидат донесени до јуни 2025 година, биле усвоени само шест, по што за преостанатите 10 закони бил добиен дополнителен рок до јуни 2026 година. Од нив, како што наведе, досега се донесени само два закона – измените на царинскиот закон и Законот за безбедност на мрежни информациски системи.
„Еве, веќе се доцни година дена, веќе сме довеле продолжување на рокот и повторно од 10-те закони коишто требало да се донесат лани во јуни, а е продолжен рокот до овој јуни, донесени се само два. Па што треба? Продолжување на продолжението? Тоа ли нè чека? Таква ли власт сакаме да нè води? Којашто нема капацитет буквално ништо да спроведе. Ова е само еден од знаците, индикаторите дека премиерот нема капацитет да води држава. Ниту, пак, го интересира тоа. Тој е заинтересиран само за себе и за неговите блиски. Затоа што оваа криминална власт мора да замине. Затоа што освен што лаже и граба народни пари преку партиски фирми и партиски тендери, друго ништо не ја интересира“,
кажа тој.
Филипче тврди дека дел од клучните закони кои Европската Унија ги смета за неопходни сè уште не се донесени или не се усогласени со европските препораки. Како примери ги посочи Законот за Судскиот совет, Законот за електронски комуникации, како и законски решенија поврзани со енергетиката, финансиската транспарентност и државната помош.
„Закони за кои самата Европска Унија кажува дека не се донесени – Транспозиција на пакет за интеграција на пазарот на струја, понатаму нов Закон за судски совет, според препораките на Веницијанската комисија, односно Оценската мисија која ја спроведе Европската Унија, а не така како што владата го донесе законот без усвоените препораки на Европска Унија, што значи дека сакаат да направат трик и да излажат, како што граѓаните ги лажат и официјалните лица во Европска Унија, но тоа таму не поминува. Понатаму, Закон за електронски комуникации, согласно европските стандарди, исто така не на начин на којшто Владата го усвои. Потоа, користење нематеријални средства како гаранција за кредити, јавен регистар на државни претпријатија и компании со државно учество и пополнување на сите работни места во Агенцијата за конфискуван имот“,
рече лидерот на опозициската партија.
Посебно се осврна на Законот за електронски комуникации и на Законот за Судскиот совет, оценувајќи дека Владата неосновано ги претставува како исполнети обврски од Реформската агенда.
Според него, Европската Унија забележала недостатоци во Законот за електронски комуникации, особено во делот на одредбите за финансирање на Оперативно-техничката агенција, за кои Европската комисија изразила загриженост.
Во однос на Законот за Судскиот совет, лидерот на СДСМ обвини дека тој не е донесен во согласност со препораките на Оценската мисија на Европската Унија и оцени дека станува збор за обид за прикажување на реформа која суштински не ги исполнува европските стандарди.
Филипче посочи дека до крајот на 2026 година треба да бидат донесени уште 33 закони во рамките на Реформската агенда, додавајќи дека нивната реализација значително доцни.
„Вкупната реализација на Реформската агенда практично е катастрофална“,
кажа тој.
Според него, незадоволителна останува и состојбата во владеењето на правото и независноста на институциите, наведувајќи дека клучните закони од енергетскиот сектор, финансиската транспарентност и државната помош, кои се услов за добивање на следната финансиска транша од Европската Унија, сè уште не се донесени.
„Има суштински закони во сферата на правосудството. Веќе граѓаните се свесни дека ова е намерно неспроведување на Реформската агенда од страна на премиерот Христијан Мицкоски. Зошто? Поради тоа што тој не сака тука владеење на правото и поради тоа што нему не му се потребни пари од Европската Унија, што ќе бидат контролирани, затоа што сака да се задолжува на нетранспарентен начин и без никаква контрола на трошењето на тие средства“,
рече Филипче.
Во рамките на Реформската агенда, како што рече, остануваат недонесени 33 закони кои треба да бидат усвоени до крајот на 2026 година. Меѓу нив се, предлот на Закон за обновливи извори на енергија, за организација и работа на органите на државната управа, за систем на плати во јавниот сектор, за управување на трговски друштва од државна сопственост, за инсолвентност, за заштита на конкуренција, за контрола на државната помош, за дигитални услуги, за правосудството, судство, јавното обвинителство, за изборното законодавство, како и повеќе закони од областа на животната средина, транспортот и енергетиката.
Лидерот на СДСМ предупреди дека времето за спроведување на реформите истекува, додека земјите од регионот, како Црна Гора и Албанија, бележат напредок во преговорите со Европската Унија.
„Регионот оди напред. Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори. Со Црна Гора е скоро завршена работата. Се пишуваат договори за членство. Со Албанија, многу скоро ќе биде тоа“,
рече Филипче.
Повтори дека уставните измени се неопходен чекор за продолжување на европскиот пат на државата и оцени дека пропуштањето на оваа можност може да има долгорочни последици за идните генерации.
„Се потврдува тоа што го говориме, изминатите месеци, дека оваа Влада едноставно не сака во Европа. И затоа велиме престанете да лажете. Се знае кој е патот напред, патот напред се уставните измени. Ако го испуштиме овој воз, ако ја испуштиме оваа можност, можеби следна, за граѓаните, за следните генерации, едноставно нема да има“,
вели тој.
Филипче порача дека граѓаните заслужуваат реформи, функционални институции и подобар квалитет на живот, обвинувајќи ја Владата дека наместо да работи на европската агенда, се фокусира на партиски интереси.
„Лажниот патриотизам на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ ја турка Македонија во изолација, Владата намерно ги блокира реформите и европскиот пат на државата, додека зад лажната патриотската реторика се кријат партиски и бизнис интереси преку тендери“,
кажа лидерот на опозициската партија.
Тој побара распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали ја поддржуваат европската интеграција на државата.
„Затоа, распишете референдум, нека кажат граѓаните, дали сакаат или не сакаат во Европа, така како што вие сакате да ги уплашите почитувани претседатели на власта и премиере Христијан Мицкоски. Лесно ти е тебе, и на твојата банда. Се грижите само за вас. На крај памет не ви паѓа како живеат граѓаните тука во државата“,
рече тој.
Според него, продолжувањето на евроинтегративниот процес е од клучно значење за иднината на земјата и за младите генерации, кои, како што рече, очекуваат повеќе можности, реформи и подобар животен стандард.
„Распишете референдум и час поскоро продолжете го европскиот пат, затоа што немате право, никакво, ни политичко, ни морално, ова да го правите на Македонија и на генерациите, коишто со години чекаат да се случи европската приказна, посебно на новите и младите генерации, кои ако не го направите чекорот којшто не е никаков ризик по нашиот идентитет и јазик, едноставно од тука ќе се иселуваат во сè поголем број“,
вели Филипче.
Владата, како што посочи, нема ниту волја ниту капацитет да се справи со реалните економски проблеми на граѓаните. Смета дека наместо мерки за заштита на граѓаните во услови на економска неизвесност и раст на цените, Владата не понудила конкретна поддршка за ниту една категорија на граѓани.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека без јасни гаранции и испорака од Бугарија нема да има уставни измени. Оттаму реагираа на изјавите поврзани со Филипче, оценувајќи дека неговите ставови се обид за приближување кон бугарската страна уште пред формирањето нова владина структура во Софија.
Според владејачката партија, Филипче го промовира моделот на претходните политики на СДСМ, за кои тврдат дека довеле до носење на последните уставните измени во минатото и отворање на спорни политички прашања поврзани со државниот идентитет.
За уставни измени, според ВМРО-ДПМНЕ, се потребни јасни европски гаранции и конкретна испорака од страна на Европската Унија и Бугарија, вклучително и во делот на спроведувањето пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Актуелната влада, како што велат оттаму, нема да поддржи уставни измени без цврсти и проверливи гаранции од европските партнери.
