„Ми беше чудна и реакцијата на политичарите. Сметам дека подобро е да ја запре истрагата, отколку да поднесе обвинение, па тоа обвинение да заврши, да речеме, со ослободителни пресуди“, вели државниот јавен обвинител

Тече рокот од 30 дена од приемот на приговорот од државните „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), во кој Вишото јавно обвинителство Скопје ќе треба да се произнесе, по што ќе се знае дали истрагата за случајот за набавката на мазут ќе се реотвори или предметот ќе остане затворен. Ова државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска го кажа на брифинг со новинарите за предметот за кој доби најмногу прашања.
Кај кој виш јавен обвинител конкретно се паднал приговорот од ЕСМ, Савески не сакаше да сподели детали, иако новинарите инсистираа да го каже името на обвинителот Јован Цветановски, кој беше под суспензија за можни неправилности во распределбата на предмети.
Савески посочи дека обврските на сите обвинители се исти и дека не треба јавнообвинителската работа да се врзува со конкретен обвинител. Кажа и дека секогаш кога ќе дојде до нов момент, истрагата може да продолжи.
Тој потврди и дека ЕСМ веќе поднеле барање за контрола врз нивната работа, но дека тоа би се направило откако ќе заврши постапката пред Вишото јавно обвинителство.
Савески неколкупати напомена дека одлуката за запирање на истрагата не е конечна. Тој рече дека, принципиелно, стои зад одлуката на обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), која ја запре истражната постапка за случајот „Мазут“ поради немање докази.
Станува збор за истрага за набавките на мазут која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога пред три недели надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори. Осомничени се 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење пари.
„Ми беше чудна и реакцијата на политичарите. Сметам дека подобро е да ја запре истрагата, отколку да поднесе обвинение, па тоа обвинение да заврши, да речеме, со ослободителни пресуди“,
кажа Савески.
За потсетување, претходно обвинителката Коларевиќ, на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“, кажа дека доказите прибрани во истрагата не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд.
Како течел разговорот со премиерот за случајот „Мазут“
Откако на 12 мај одекна веста дека ОЈО ГОКК ја запре истрагата за случајот „Мазут“, утредента, лично премиерот Христијан Мицкоски кажа дека шокиран од одлуката, се слушнал со државниот обвинител Ненад Савески. Овој потег, подеднакво како и запрената истрага, предизвика реакции во јавноста, па Јавното обвинителството соопшти дека Мицкоски и Савески првпат се слушнале тогаш и дека не се разговарале детали за предметот.
Савески останува на ставот дека секој може да му се јави.
„Премиерот има право да ми се јави, ми се јавуваат и граѓани. Еве, се случило, сметал дека така треба. Не се правдам, логично е да се јави оти ЕСМ е државно претпријатие. Само ми се јави да праша дали навистина е така одлучено, му потврдив, ме праша дали предметната обвинителка ми реферирала, кажав дека не оти сметала дека нема потреба, праша околу законската опција – му кажав дека може да се поднесе приговор“,
рече денеска Савески.
Во однос на јавните наводи на министерот Панче Тошковски дека јавноста ќе биде шокирана откако ќе се споделат детали за случајот „Мазут“, а за кои тој во моментов рече дека не може јавно да зборува, Савески одговори дека изјави на други лица не сака да коментира – став што повеќепати го повтори во текот на брифингот.
Од друга страна, пак, се води предистражна постапка и за загадување од мазутот. Савески кажа дека се проверува дали научните институции имаат експерти кои може да ги протолкуваат резултатите од вештачењето, а остварен е контакт и со професор од Природно-математичкиот факултет при УКИМ кој изјавувал дека има сознанија за читање на лабораториски анализи од таков тип.
Артан Груби сè уште не е испрашан
Новинарите се интересираа и за други теми, а државниот обвинител трпеливо, главно воздржано одговараше на прашањата. Се отвори и случајот со ексвицепремиерот Артан Груби – висок функционер од редовите на ДУИ, кој е во куќен притвор. Дома е од 23 февруари, односно истиот ден кога се врати во земјава по повеќе од една година бегство од органите на прогонот.
Савески вели дека Груби досега не е испрашан зашто сè уште се собираат докази. Како и кога ќе даде исказ зависи од предметниот обвинител кој прави истражен план.
„Во овој момент сè уште се собираат докази за во една зрела фаза, кога обвинителот ќе оцени, да го повика за да го соочи со доказите. Лична проценка на обвинителот е дaли се доволни доказите или не. Во однос на притворот, обвинителот предлага, но Судот цени дали е издржано барањето или не“,
посочи Савески.
Груби е второосомничен во случајот со „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Првоосомничен е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
Државниот обвинител на денешниот брифинг зборуваше и за тезите на премиерот кој во предизборието говореше дека 80 кривични пријави „се чуваат во фиока“. Вели дека се прави конрола и надзор на стари предмети во кој се вклучени и републичките јавните обвинители. Прелиминарно, вели тој, нема многу стари предмети и досега никој не му реферирал дека конкретен обвинител намерно одолговлекувал предмет.
„Никогаш ниту барам, ниту очекувам обвинителите да постапуваат зашто некој ги прозива“,
рече Савески.
За случаите „Масовни легализации на дивоградби во Чаир“ и „Надзор над Бехтел/Енка“, Савески посочи дека сè уште не е донесена јавнообвинителска одлука. И предметот за модуларната болница, како и за Еуростандард банка, се во фаза на истрага.
Тетоважите на јавниот обвинител

Кон крајот на брифингот, стигна прашање и за тетоважите на државниот јавен обвинител. Тој е впечатлив и по трајните цртежи на прстите од десната рака. Конкретно на домалиот прст има тетоважа „88“, за која кажа дека се приватна работа, но соочен со коментарите на новинарите дека тоа би можело да има и неонацистичка симболика, тој кажа дека немал сознание за таквото можно значење.
„Тетоважата е лична работа, врзана за мене и мојата сопруга. Јас не носам бурма, а ова е знакот на ангелот. Нема никаква фашистичка симболика, јас не знаев за такво нешто“,
рече Савески.
Собранието на 18 март годинава го именуваше Ненад Савески за државен јавен обвинител, функција на која дојде од позиција судија во Основниот кривичен суд Скопје.
