Министерот за здравство Азир Алиу на Фејсбук напиша дека предлог-законот е резултат на долг процес на консултации, анализи и усогласување со институциите, инспекциските органи, угостителскиот сектор, индустријата, експертската јавност, граѓаните, како и со поддршка од Светската здравствена организација
„Ова не е закон против никого. Ова е закон за здравје, за деца, за почист воздух и за јавна одговорност. Од законот од 1995 година до реалноста на 2026 година: денес не го забрануваме индивидуалниот избор, туку го штитиме здивот на нашите деца“, вели министерот за здравство
За угостителите е предвиден преоден период од 12 месеци за адаптација и пренамена на терасите и другите простори во согласност со новите законски правила
Владата денеска го усвои предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, со што се отвора патот за негово разгледување и усвојување во Собранието.

Од Министерството за здравство соопштија дека станува збор за значаен чекор во насока на унапредување на јавното здравје и создавање поздрав и побезбеден јавен простор.
„Законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација“,
се вели во соопштението од Министерството.

Министерот за здравство Азир Алиу на Фејсбук напиша дека предлог-законот е резултат на долг процес на консултации, анализи и усогласување со институциите, инспекциските органи, угостителскиот сектор, индустријата, експертската јавност, граѓаните, како и со поддршка од Светската здравствена организација.
„Постојниот Закон за заштита од употреба на тутунски производи датира од 1995 година, а по речиси три децении, општествената и технолошката реалност значително се променила. Денес, покрај класичните цигари, се присутни електронски цигари, нови никотински производи, како и различни форми на онлајн рекламирање и промоција преку социјалните мрежи кои, според надлежните, имаат директно влијание врз младата популација“
вели Алиу.
Според него, со новото законско решение се воспоставуваат појасни правила за користењетутунски и сродни производи во јавните и работните простори, за организацијата на пушењето на терасите, како и за регулирање на новите тутунски и никотински производи.
„Со овој закон поставуваме појасни правила за јавните и работните простори, за терасите, за новите тутунски и никотински производи, за рекламирањето и промоцијата, како и за заштита на децата во близина на училиштата, здравствените установи и просторите каде што престојуваат деца“,
вели министерот.
Посочи дека новото законско решение не е рестриктивна мерка насочена против одредени групи, туку за закон кој има за цел заштита на јавното здравје.
„Ова не е закон против никого. Ова е закон за здравје, за деца, за почист воздух и за јавна одговорност. Од законот од 1995 година до реалноста на 2026 година: денес не го забрануваме индивидуалниот избор, туку го штитиме здивот на нашите деца“,
додаде тој.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека очекува законското решение, по усвојувањето од Владата, во најкус можен рок да биде изгласано и во Собранието. Според него, законот ќе стапи во сила веднаш по неговото донесување, со исклучок на одредбите што се однесуваат на приспособувањето на угостителските објекти.
„Верувајте ни, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата, ова го повторувам, нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што ќе нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон“,
рече премиерот.
Според него, предложениот текст претставува компромисно решение изготвено низ инклузивен процес во кој биле вклучени сите засегнати страни, меѓу кои производителите, дистрибутерите, угостителите, хотелиерите и нивните здруженија.
Претставниците на бизнис-секторот, исто така, оценија дека законот е креиран со партнерски пристап и ја поздравија одлуката за едногодишен рок за усогласување на објектите со новите стандарди.
За угостителите е предвиден преоден период од 12 месеци за адаптација и пренамена на терасите и другите простори во согласност со новите законски правила.
Со законското решение се предвидува и прецизно регулирање на условите за пушење на терасите на угостителските објекти, со што се затвора досегашната „сива зона“ во оваа област. Истовремено, се воведуваат построги контроли и санкции за непочитување на законските одредби.
И премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот по неговото стапување во сила и нагласија дека нема да има привилегирани при неговото спроведување.
