Законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунските производи, но ја уредува нивната употреба и промоција таму кадешто таа влијае врз јавноста на луѓето, посочи министерот за здравство Азир Алиу
Новиот закон за пушење не е креиран ад-хок, туку во консултации со сите засегнати страни – низ инклузивен процес, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски на средбата со еснафските здруженија во Владата. Тој најави дека законот во вторник ќе биде ставен на владина седница, a целта на Владата е да се бори што помалку да луѓе да консумираат тутун.
„Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата, ова го повторувам, нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што ќе нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон“,
вели Мицкоски.
Министерот за здравство, Азир Алиу, кажа дека моменталниот закониот е донесен во 1995. година и дека покрај деветте измени, тој не одговара на реалната состојба во државата. Тој ги сподели и следниве податоци:
– 3.600 смртни случаи годишно (околу 13% од сите смртни случаи во државата) се поврзани со тутунот.
– 38 милијарди денари (над 600 милиони евра) изнесува годишната економска загуба, што е 5,16% од БДП.
– 13,6% од младите на возраст од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, што е највисока стапка од 2002 година. Драстичен е и податокот дека дури 73% од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
„Законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунските производи, но ја уредува нивната употреба и промоција таму кадешто таа влијае врз јавноста на луѓето. Новиот закон обезбедува чист воздух во затворени јавни и работни простории, со целосно опфаќање на електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Ја зголемува заштитата на децата – забрана за пушење во приватно возило ако во него има дете, како и целосна забрана на оддалеченост помала од 20 метри од влезовите на училиштата, градинките и здравствените установи. Новиот закон воведува јасен критериум – за да биде дозволено пушење, летната тераса мора да биде отворена од најмалку две страни. Законот воведува сеопфатна забрана за промоција и спонзорства на онлајн платформите, социјалните мрежи и преку инфлуенсерски маркетинг. Новиот закон опфаќа и ефикасен надзор -се предвидуваат 14 надзорни и инспекциски органи со прецизно разграничени надлежности“,
кажа Алиу.
