Одговарајќи на новинарски забелешки дека на веб-страницата на Агенцијата за вработување се нудат 9 000 слободни работни места со плати под минималната, Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата и на Трудовиот инспекторат
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ниту една компанија не смее да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата и најави контроли и санкции доколку биде констатирано дека навистина се нудат работни места за плати под минималната.

Дурмиши ова го кажа на денешната прес-конференција, на која заедно со директорот на Агенцијата за вработување го презентираа Оперативниот план за вработување за 2026 година. Одговарајќи на новинарски забелешки дека на веб-страницата на Агенцијата за вработување се нудат 9 000 слободни работни места со плати под минималната, Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата и на Трудовиот инспекторат.
„Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот“,
рече Дурмиши.
Во врска со цените на основните прехранбени производи, министерот за економија и труд, исто така, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека тие се стабилни и дека засега нема потреба од мерки. Сепак, како што додаде, доколку кризата продолжи и има енормно зголемување, ќе бидат воведени мерки со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.
„Од 55 најпродавани производи, растот е минимален и изнесува само 0,43 проценти, така што цените се стабилни. Ако забележиме девијантно однесување, како што сме постапиле порано, така ќе постапиме и сега. Значи, за 0,43 проценти се зголемени цените, што покажува дека имаме стабилни цени“,
рече Дурмиши.
Ресорниот министер рече дека ако кризата продолжи и има енормно зголемување на цените, тогаш ќе се воведат мерки, а една од опциите е намалување на ДДВ-то.
