„Вистината е едноставна – Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран, затоа што штитат. Мицкоски не го сака враќањето на Груевски затоа што тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ“, изјави денеска портпаролката и членка на ИО на СДСМ, Богданка Кузевска, која повика да се активираат сите дипломатски канали, и ако треба да се побара и меѓународна помош за експремиерот да биде изнесен пред лицето на правдата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) тврди дека премиерот Христијан Мицкоски знаел за унгарското државјанство на експремиерот Никола Груевски и оти затоа изјавувал оти ќе биде уапсен.

Тврдењата на социјалдемократите од Бихаќка денеска на прес-конференција ги изнесе портпаролката и членка на Извршниот одбор (ИО) на партијата, Богданка Кузеска, потсетувајќи дека до денеска надлежните во државата ги немаат испратено документите за екстрадиција на Груевски во Македонија.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако истражувачкиот портал „Ви Сквер“, повикувајќи се на извори од владата во Будимпешта, објави дека Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.
„Со месеци СДСМ предупредува дека Никола Груевски поседува државјанства и пасоши од други држави, меѓу кои и унгарски. Мицкоски го знаел тоа цело време и свесно ги лажел граѓаните, како и за сè друго, како што лажеше за враќање на името, за поништување на Преспанскиот договор, како што лажеше дека е загрозен македонскиот индентите. Така и за Груевски. Затоа Мицкоски изјавуваше дека Груевски ќе биде уапсен и затоа до денеска нема испратено документи за негова екстрадиција во Македонија. Сè е јасно“,
рече Кузеска.
Вчерашното соопштение на Министерството за правда дека постапката за екстрадиција на експремиерот продолжува и покрај информациите за унгарското држвјанство, портпаролката го оцени како лажна изјава со која се создава привид дека нешто се работи.
„Да сакаа Мицкоски и (Игор) Филков досега барањето за екстрадиција ќе беше испратено, веднаш по најавите на новиот унгарски премиер, Петер Маџар, уште пред еден месец дека Унгарија нема повеќе да биде заштитиник на криминалци. Вистината е едноставна – Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран, затоа што штитат. Мицкоски не го сака враќањето на Груевски затоа што тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ“,
кажа Кузеска.
Од опозициската партија бараат Македонија да ги активира сите дипломатски канали и ако треба, да побара и меѓународна правна помош за експремиерот Груевски да се изнесе пред лицето на правдата.
Груевски е во фокусот на домашните и унгарските медиуми по изјавата на новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, кој по победата на тамошните избори во април годинава, порача дека неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.
Вчера истражувачкиот портал „Ви сквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, објави дека Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“. Според порталот, поранешниот премиер на земјава и понатаму престојува во Унгарија, а добивањето државјанство значително ја отежнува можноста за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Од Министерството за правда вчера соопштија дека независно од шпекулациите и неофицијални информации дека поранешниот премиер Никола Груевски стекнал унгарско државјанство, тој и натаму останува македонски државјанин и постапката за негова екстрадиција продолжува.
Во меѓувреме унгарскиот портал „444“ објави дека Груевски во летото 2021 година започнал сопствен бизнис во Унгарија, каде основал консултантска фирма по иметот I.C.I.C Kf.
Изнесувајќи детали за финансиската состојба на компанијата, приливот на средства и профитите, порталот наведува дека станува збор за мини-бизнис, бидејќи фирмата нема вработени. Според анализите на „444“, и покрај фактот дека бизнисот на Груевски воопшто не пораснал во последните пет години, ништо не ја загрозува неговата стабилност, а годишните извештаи сугерираат дека експремиерот можеби има фиксне клинет кој му плаќа секоја година за неговите совети.
Експремиерот Груевски и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, од земјава избега во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“ вредно околу 600 000 евра.
Според тогашните информации, тој ја напуштил државата преку Албанија, а потоа преку Црна Гора и Србија стигнал во Унгарија, каде што подоцна доби политички азил.
Ако се врати во земјава, треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета.
Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело што застарува во 2043 година.
Во меѓувреме активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
