„Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции“, се вели во соопштението од ресорното Министерство
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече оти Владата нема информација дека Груевски се стекнал со унгарско државјанство
Независно од шпекулациите и неофицијални информации дека поранешниот премиер Никола Груевски стекнал унгарско државјанство, тој и натаму останува македонски државјанин и постапката за негова екстрадиција продолжува. Ова денеска го соопштија од Министерството за правда откако истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада, објави дека Груевски, кој од 2018 година живее во Будимпешта, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“.

Оттаму велат дека внимателно се следат информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Груевски стекнал унгарско државјанство.
„Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции“,
се вели во соопштението од Правда.
Според ресорното Министерство, и понатаму ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има информација дека Груевски се стекнал со унгарско државјанство, кусо рече:
„Не, немаме ние таква информација“.
Според порталот „ВиСквер“, Груевски и понатаму престојува во Унгарија, а добивањето државјанство значително ја отежнува можноста за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Како што анализираат таму, државјанството претставува посилна правна заштита од политичкиот азил. Додека азилот може да биде укинат, одземањето државјанство е многу покомплицирана процедура и бара докажување дека било стекнато со измама или корупција.
Порталот наведува дека во случајот на Груевски, со оглед дека државјанството е доделено поради „државен интерес“, евентуална постапка би можела да отвори прашања и за вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан, нешто што, според медиумот, не е невозможно.
Прашањето за можното враќање на Груевски во земјава се актуализира изминатиот период по политичките промени во Унгарија.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар веднаш по победата на парламентарните избори порача дека неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.
Експремиерот Груевски избега од државата во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“, вредно околу 600 000 евра.
Ја напушти државата преку Албанија, а потоа преку Црна Гора и Србија стигна во Унгарија, каде што подоцна доби политички азил.
Ако се врати во земјава треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета. Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, дело што застарува во 2043 година.
Во меѓувреме, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
