Ова не е само моја идеја, пишува Костовски во објава на Фејсбук, туку повик до сите што чувствуваат дека Македонија заслужува подобро, поправедно и подостоинствено утре
Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, објави дека формира нов политички субјект и ги повика сите граѓани кои „имаат желба Македонија да опстои како држава“ да му се приклучат.

Ова не е само моја идеја, пишува Костовски во објава на Фејсбук, туку повик до сите што чувствуваат дека Македонија заслужува подобро, поправедно и подостоинствено утре.
„Време е за политички субјект без партиски и лични интереси. Моето животно искуство и мојот карактерно всаден непокор кога е во прашање вистината, а уште побитно и иднината на нашата татковина и нашите поколенија, ме ставија во состојба да размислувам за создавање на нов политички субјект. Политичка партија без национално и верско обележје, со членови кои ја сакаат својата татковина и желба да ја градат иднината на нашата земја“,
пишува Костовски на Фејсбук.
Додава дека партијата ќе биде отворена за сите попнолетни граѓани, без ограничување на возраста.
„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист. Размислете и одлучете. Време е да престанеме да бидеме публика која ја гледа пропаста на својата земја. Треба да станеме двигатели на промените за правилниот избор од крстопатот на саканата Македонија. Не тврдам дека го имам единствениот одговор, но верувам дека молчењето повеќе не е опција. Ги повикувам сите што ја сакаат Македонија да размислат, да се вклучат и да дадат свој придонес“,
вели Костовски и додава дека е отворен за секаква сугестија што ќе овозможи вистински приод за решавање на фундаменталните прашања во државата.
Смета дека ќе биде мета на напади од сите политички партии во земјава и додава:
„Политичките кујни можат да напаѓаат, но не можат да ја уништат вистината ако таа живее во нас.“
