Според анализите на порталот, позицијата на Груевски е значително посигурна по добивањето на унгарското државјанство бидејќи тоа претставува посилна правна заштита од политичкиот азил. Додека азилот може да биде укинат, одземањето државјанство е многу покомплицирана процедура и бара докажување дека било стекнато со измама или корупција
Порталот наведува дека во случајот на Груевски, со оглед дека државјанството е доделено поради „државен интерес“, евентуална постапка би можела да отвори прашања и за вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан
Во интервју за „360 степени“, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, коментирајќи за тоа дали воопшто има правна основа за екстрадиција на Груевски, рече дека не ја исклучува хипотезата дека, во теорија, тој би можел веќе да има унгарско државјанство. Имал право да побара такво нешто три години откако првпат добил бегалски статус. Одлуката по таквите барања е дискрециска, на унгарскиот претседател
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој од 2018 година живее во Будимпешта, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“, објави истражувачкиот портал „ВиСквер“, повикувајќи се на извори од унгарската влада.
Според порталот, Груевски и понатаму престојува во Унгарија, а добивањето државјанство значително ја отежнува можноста за негова екстрадиција во Северна Македонија.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар при преземањето на функцијата најави дека земјата веќе нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. Потоа, како што пишува порталот, двајца познати бегалци кои добиле заштита во Унгарија ја напуштиле земјата.
Станува збор за поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кој добил азил во Унгарија во 2025 година, а во мај е забележан на аеродром во САД. Неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, кој кон крајот на 2024 година избега во Будимпешта по обвиненија за злоупотреба на јавни средства, според наводите, не успеал да влезе во САД, по што бил забележан во Србија и во Хрватска, додека полски служби трагаат по него.
Државјанството е посилна заштита од политичкиот азил
Сепак, како што анализира „ВиСквер“, позицијата на Груевски е значително посигурна од таа на полските бегалци, бидејќи државјанството претставува посилна правна заштита од политичкиот азил. Додека азилот може да биде укинат, одземањето државјанство е многу покомплицирана процедура и бара докажување дека било стекнато со измама или корупција.
Порталот наведува дека во случајот на Груевски, со оглед дека државјанството е доделено поради „државен интерес“, евентуална постапка би можела да отвори прашања и за вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан, нешто што, според медиумот, не е невозможно.
Бегството на Груевски
Експремиерот Груевски избега од државата во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавка на луксузно возило марка „мерцедес“, вредно околу 600 000 евра.
Ја напушти државата преку Албанија, а потоа преку Црна Гора и Србија стигна во Унгарија, каде што подоцна доби политички азил.
Маѓар најави екстрадиција
Прашањето за можното враќање на Груевски во земјава се актуализираше изминатиот период по политичките промени во Унгарија.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар веднаш по победата на парламентарните избори порача дека неговата земја веќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.
Анализа на „360 степени“: Азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран
Во април, во интервју за „360 степени“, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, коментирајќи за тоа дали воопшто има правна основа за екстрадиција на Груевски, рече дека бегалскиот статус на едно лице подлежи на ревизија секои три години. Преиспитување може да се иницира и вонредно, но во тој случај се потребни неколку месеци за да се донесе правосилна одлука, независно од политиката и најавите на Маѓар.
Тој не ја исклучува хипотезата дека, во теорија, Никола Груевски би можел веќе да има унгарско државјанство. Имал право да побара такво нешто три години откако првпат добил бегалски статус. Одлуката по таквите барања е дискрециска, на унгарскиот претседател.
„Признаените бегалци можат да аплицираат за унгарско државјанство по три години од добивањето на оваа меѓународна заштита. Тоа не е автоматско – треба да поднесете посебна апликација за тоа, а потоа претседателот на Републиката одлучува дали ќе ви додели унгарско државјанство или не. Тоа е таканаречена дискрециска одлука, па ако одлучат да не ви дадат, не мора да ви ги кажат причините зошто одлучиле да не ви дадат унгарско државјанство и не можете да поднесете жалба против оваа одлука. Така што, теоретски, можно е господинот Груевски веќе да е унгарски државјанин. Тој имаше право да аплицира за тоа со оглед на времето што помина откако доби статус на бегалец во Унгарија, но секако немаме начин да знаеме дали е веќе унгарски државјанин. Тоа е можност“,
кажа Секереш.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) досега неколку пати побараа да бидат испратени документите за екстрадиција на Груевски. Од Министерството за правда, пак, рекоа дека се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино понатамошно процесирање во врска со случајот со поранешниот премиер Никола Груевски.
Премиерот Христијан Мицкоски по победата на Петар Маѓар на парламентарни избори во Унгарија рече дека нема очекувања оти Груевски ќе се врати во земјава, додавајќи дека ако поранешниот премиер се појави во земјава ќе биде упатен на извршување затворска казна.
Ако Груевски се врати во земјава треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета.
Треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, и девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, дело што застарува во 2043 година.
Во меѓувреме, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
