Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области, а меѓу главните обвинувања се саботирање истраги и несоработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција
По неуспешноста на првата, опозициската Левица поднесува втора интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Според лидерот на Левица, Димитар Апасиев, проблемите во МВР оваа година не само што не се решиле, туку и се наталожиле, а институцијата станала приватна партиска полиција.
„Како држава што е над европскиот просек по бројот на полицајци по глава на жител, сметаме дека перформансите кои ги покажува и министерот и полицијата се неприфатливи за едно демократско општество“,
рече Апасиев на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области, а меѓу главните обвинувања се саботирање истраги и несоработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„Алудираме на несоработката во случајот шпионажа кај највисокиот државен врв, непостапување за откривање криминал со надзорот во ‘Бехтел и Енка’ и непостапување за дивоградбите во Чаир. Втората област е неказнетиот криминал на белите јаки и селективното постапување на МВР пропратено со партиско-политички мотиви. Една точка е посветена на куќниот притвор за Артан Груби по склучениот дил со ДУИ. Следното е запрената постапка за милионскиот криминал со канцероген мазут. Третата глава се однесува на креирање на приватна партиска полиција или познатата ВМРО-МВРО. Алудираме на командната одговорност и полициските пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани, а следното е незаконитиот претрес кај директорката во училиштето во Демир Хисар“,
рече Апасиев.
Четвртата област од интерпелацијата за работата на Панче Тошковски е посветена на, како што рече лидерот на Левица, непостапување на полицијата во случаите на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза. Меѓу другите, опфатени се случите со серискиот убиец во Старо Нагоричане, смртта на мајката и малолетното девојче во скопско Тафталиџе, како и повиците за насилство и сексистичките коментари кон советничката од Левица во Град Скопје, Евгенија Станкоска.
„Претпоследната област се однесува на непрофесионалните двојни стандарди кај полицијата, односно различното однесување при исти или слични случаи. Алудираме на приведувањето поради истакнување палестинско знаме на спортски натпревар, а неприведување при палење на македонско знаме и исвркување на македонската химна, како и разбивање на блокадите кај Ореовец, Прилепско, а неразбивање на блокадите кај Битпазар во Чаир“,
додаде лидерот на Левица.
Во последниот дел од интерпелацијата, како што посочи Апасиев, се отвора прашањето за судир на интереси и сомнителни тендери поврзани со министерот Тошковски.
„Министерот ќе треба да одговори за адвокатско-тужбените шеми кои ги имал пред да стане министер со еден началник во Источна Македонија за испумпување пари од МВР, како и за сомнителните тендери и фантом-фирми за кои има низа афери. Ова се накратко 17 точки по кои министерот ќе треба да одговори пред пратениците“,
рече тој додавајќи дека сите точки од интерпелацијата детално ќе бидат образложени пред пратениците.
Апасиев очекува очекува жестока дебата и поддршка од опозицијата кога интерпелацијата ќе биде на дневен ред.
Ова е втора интерпелација што опозициската Левица ја поднесува против работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Првата ја поднесоа минатата година, непосредно по трагедијата во Кочани, но пратениците ја отфрлија со 72 гласа „против“ и само 20 „за“.
