Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи поднесена од Левица ја поддржаа 20 пратеника, а 72 гласаа „против“
Со 20 гласа „за“, 72 гласа „против“ и без ниеден „воздржан“, пратениците попладнево ја отфрлија интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од опозициската Левица.

Базирана на десет основи, интерпелацијата за работата на министерот Тошковски пред сè се однесуваше на аспекти поврзани со трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица.
Првите пет точки се однесуваат на – непостоње контрола на МВР врз објектот на т.н. кабаре „Пулс“, нелегална употреба на пиротехника во објектот, неукажување помош од страна на полициските службеници за време на пожарот, непроцесуирање на заканите на социјалните мрежи кон критичарите на власта и забраната на употреба на дронови на протестите за Кочани.
Пратениците на Левица на денешната собраниска седница оценија дека министерот за внатрешни работи досега ја извршувал функцијата несоодветно, нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно, што, според нив, резултирало со голем број скандали во МВР и кулминирало со потфрлање на МВР во однос на пожарот во Кочани.
Во своја одбрана, Тошковски од собраниската говорница порача дека не се плаши од одговорност и дека останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми.