Од Министерството упатуваат апел до сите граѓани што ги посетуваат нивните објекти за административни услуги да се погрижат за својот изглед, но нема конкретни насоки што смее, а што не смее да се носи

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја информира јавноста дека се воведува кодекс за облекување кој ќе важи за сите вработени, но и за странките што ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи.
Како што соопштуваат од МВР, оваа одлука е донесена со цел одржување на професионалниот стандард, зачувување на дигнитетот на институцијата и поттикнување на меѓусебна почит.
„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Од Министерството упатуваат апел до сите граѓани што ги посетуваат нивните објекти за административни услуги да се погрижат за својот изглед, но нема конкретни насоки што смее, а што не смее да се носи.
„Се замолуваат граѓаните пред доаѓање во просториите на Одделот, за подигнување лични карти, пасоши, возачки дозволи или други документи, да се погрижат својот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“,
се додава во соопштението.
Исто така, напоменуваат дека и сите вработени во Одделот за граѓански работи се задолжени доследно да го почитуваат веќе утврдениот кодекс за облекување наменет за вработените во МВР.
