Според нив, легалните објекти во кои се приредуваат игри на среќа не се закана за младината. Вистинската закана по младите, велат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и од на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), е популизмот кој, затворајќи го овој економски сектор, ќе ги направи младите лесен таргет на незаконски играчници кои ќе се одвиваат по подруми, а државата ќе нема никаква контрола
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) доставиле барање до Собранието за организирање јавна расправа во врска со предлог-законот за игри на среќа и забавни игри. Целта на расправата, како што велат, е соочување на аргументите со пратениците и запознавање на јавноста со штетните последици од усвојувањето на предложеното законско решение.

„Согласно член 129 став 2 од собранискиот Деловник, бараме Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело да ја организира јавната расправа. Примената на ваквата демократска алатка ќе овозможи претставници на асоцијациите и вработените во легалните објекти да ја споделат сопствената експертиза и професионално искуство со пратениците“,
велат од АПИС и АСОМ и додаваат дека веќе подолг период игрите на среќа се цел на негативна кампања и клевети.
Според нив, легалните објекти во кои се приредуваат игри на среќа не се закана за младината. Вистинската закана по младите, велат од АПИС и АСОМ, е популизмот кој, затворајќи го овој економски сектор, ќе ги направи младите лесен таргет на незаконски играчници кои ќе се одвиваат по подруми, а државата ќе нема никаква контрола.
Во оваа смисла, оттаму оценија дека е неодговорно по секоја цена да се донесе закон кој на среден рок ќе направи страшни последици кои многу тешко ќе можат да се поправат.
„Сметаме дека е вообичаена демократска пракса, особено што приредувачите на игри на среќа се најголем приватен работодавец во државата, голем дел од нашите членки имаат капитал од ЕУ, сме општествено одговорни компании кои донираат во јавното здравство, спортот, културата, покровители сме на многу хуманитарни акции, да бидеме ислушани и нашата експертиза и знаење да биде уважено со цел изработка на одржливо законско решение во согласност со највисоките европски и светски стандарди за организирање игри на среќа“,
се посочува во соопштението на АПИС и АСОМ.
Владата пред две недели го утврди новиот усогласен текст на предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој предвидува строги ограничувања за нивното рекламирање.
