Од следната година, како што рече, системот ќе се прошири и ќе ги опфати и четврто, петто и шесто одделение, додека во 2028 година процесот целосно ќе биде заокружен и ќе ги вклучи и учениците од деветто одделение
Воведувањето на електронските свидетелства претставува значајно олеснување за наставниците, кои наместо рачно да ги пополнуваат документите, ќе можат тоа да го прават дигитално, со податоци кои автоматски се повлекуваат од е-дневникот
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека годинава свидетелствата за учениците од прво, второ и трето одделение ќе бидат електронски, но дека поради првата година на имплементација паралелно ќе се издаваат и печатени.

Од следната година, како што рече, системот ќе се прошири и ќе ги опфати и четврто, петто и шесто одделение, додека во 2028 година процесот целосно ќе биде заокружен и ќе ги вклучи и учениците од деветто одделение.
Воведувањето на електронските свидетелства претставува значајно олеснување за наставниците, кои наместо рачно да ги пополнуваат документите, ќе можат тоа да го прават дигитално, со податоци кои автоматски се повлекуваат од е-дневникот.
„Од оваа година воведуваме електронски свидетелства од прво до трето одделение. Со оглед дека е прва година, ќе има и печатени свидетелства, зашто очекуваме наставниците да се прилагодат на новите електронски свидетелства, што ќе биде огромно олеснување за нив. Наместо да пишуваат на рака свидетелства, тие ќе можат на компјутер да ги пополнат свидетелствата, ем побрзо, ем поефикасно, ем без грешки, зашто податоците се влечат од е-дневникот. И оваа година одиме паралелно, од догодина ги додаваме новите три одделенија, како четврто, петто и шесто и од догодина ќе одиме само со електронски свидетелства, за третата година да го завршиме и деветто одделение“,
вели министерката.
Посочи дека со дигитализацијата се постигнува и заштеда на хартија, намалување на административниот товар и олеснување на процесите за наставниците, родителите и учениците, како и подобра поврзаност со системот за упис во средно образование.
„Тоа е релативно голем напредок за работата, односно за дигитализација на процедурите во училиштата и погодност и за наставниците, и за родителите, и за учениците“,
кажа Јаневска.
Во однос на законите за високото образование, Јаневска истакна дека трите закони – за високо образование, за обезбедување квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност се подготвуваат како пакет.
Според неа, се разгледуваат забелешки од номотехнички и правен карактер и процесот на усогласување е во завршна фаза.
„Законот за наука сѐ уште се обработува, но јас очекувам во текот на идната недела комплетно да бидеме усогласени. Тоа е веќе владина процедура. И штом се усогласиме со законодавство, значи ја имаме последната верзија, таа ќе оди на владина седница“,
рече таа.
Минатиот месец таа рече дека академската заедница е усогласена во врска со квалитетот на пакетот закони за високо образование.
