Според Томовски, ресторанскиот дел од комплексот добро работи, но потребна е дополнителна помош за развој и искористување на сместувачките капацитети

Државните институции се во континуирана комуникација со концесионерот на комплексот „Македонско село“ со цел овој објект да продолжи успешно да функционира и да се спречи негово затворање или пропаѓање.
Ова во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4 ТВ го истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кој посочи дека комплексот веќе една година работи стабилно со институционална и логистичка поддршка од државата.
Според Томовски, ресторанскиот дел од комплексот добро работи, но потребна е дополнителна помош за развој и поголема искористеност на сместувачките капацитети, поради тоа што се водат како апартманско сместување, а не како класичен хотел.
„Им треба мала помош за хотелските капацитети со кои располагаат. Тие се водат како посебен вид сместувачки капацитет и не може да учествуваат на одредени јавни набавки како хотел. Затоа им е потребна помош и од туристичките агенции и од нас институциите да ги препорачуваме, за да можат да го разработат подобро тој дел и да бидат задоволни, а и да го испочитуваме договорот најмалку 15 години да не се затвори комплексот или да не бараме нов концесионер“,
рече Томовски.
Како дел од мерките за поголема достапност, СОЗР веќе иницирала разговори со ЈСП за воведување почести автобуски линии до комплексот. Томовски додаде дека голем број државни институции веќе организираат настани таму, а странските туристи се воодушевени од амбиентот.
Директорот на СОЗР се осврна и на контролата врз користењето на службените возила и нагласи дека новите препознатливи таблички даваат резултат, а граѓаните се сè поодговорни и редовно пријавуваат потенцијални злоупотреби.
„Граѓаните навистина се осмелуваат да пријават. Обично реагираат кога ќе сретнат такво возило на пазарче. За еден таков случај одговоривме дека се работи за возило на Општина Гази Баба, кое било таму за инспекторски надзор на Кванташкиот пазар. Наша задача е да побараме одговор од институцијата и да утврдиме дали имало злоупотреба или возилото било на задача“,
рече Томовски спомнувајќи и друг случај кога возило било фотографирано пред еден од поголемите маркети во Скопје.
Томовски информира и дека СОЗР започнала и процес на чистење и расходување на сопствениот возен парк од возила кои со години не биле во функција.
Досега, само во рамките на Службата, расходувани се повеќе од 100 нефункционални возила кои со години стоеле заборавени и правеле метеж.
Инаку, комплексот „Македонско село“ по седум години пауза повторно беше отворен во јуни минатата година. Комплексот „Македонско село“ се состои од 12 автентични куќи, со простории каде што се претставени македонските занаети. Нов концесионер на комплексот е фирмата „Ла Тераца“ чија понуда беше избрана за најповолна на јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи.
