Во текот на денешниот ден државен градежен инспектор заедно со општинските стручни служби констатирал дополнителни неправилности во градежните активности. Поради тоа, Општина Центар веќе стапи во контакт со професори од Градежниот факултет, од кои е побарана стручна експертиза и мислење за настанатата состојба и потенцијалните ризици

Најстроги законски казни и санкции во согласност со Законот за комуналните дејности се изречени по појавата на свлечиште на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква во Скопје. Инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид констатирале сериозни оштетувања на јавната инфраструктура и низа неправилности во изведбата на градежниот објект.
При надзорот на терен, кој е спроведен во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР), Државниот градежен инспекторат и Секторот за урбанизам, евидентирани се оштетувања на коловозот, тротоарот, канализациската мрежа и уличното осветлување.
Паралелно со инспекцискиот надзор, екипите на Општина Центар веднаш презедоа итни мерки за обезбедување на локацијата со поставување сигурносни појаси и предупредувачки ленти, со цел да се заштитат граѓаните и да се овозможи безбедно движење, особено бидејќи градилиштето се наоѓа во непосредна близина на станбени објекти.
Во текот на денешниот ден државен градежен инспектор, заедно со општинските стручни служби, констатирал дополнителни неправилности во градежните активности. Поради тоа, Општина Центар веќе стапи во контакт со професори од Градежниот факултет, од кои е побарана стручна експертиза и мислење за настанатата состојба и потенцијалните ризици.
Од Општина Центар информираат дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) веќе е доставено официјално известување за понатамошно постапување.
„Од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување во согласност со законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции“,
соопштуваат од општината.
Од Општината порачуваат дека нема да се толерира неодговорно однесување на инвеститорите со кое се загрозува безбедноста на граѓаните и се уништува јавниот простор.
Инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да ги преземе сите мерки за санација врз основа на очекуваната експертиза од Градежниот факултет и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитната состојба. Општинските служби најавија дека остануваат на терен и будно ќе ја следат состојбата сè до целосно отстранување на последиците.
Инаку, првично за свлечиштето на земја на градилиштето, преку објава на Фејсбук алармираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде што споделија и видео од инцидентот. Според групата, свлечиштето настанало на градилиште на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и, како што наведуваат, се работело за време на државен празник.
Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот што работел на градилиштето, а работникот што управувало со него за среќа навреме успеал да излезе од него.
Според МВР, настанот се случил на улицата „Христо Смирненски“, при ископ на дупка за изградба на зграда. Како што соопштија оттаму, во инцидентот биле оштетени делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера врз возило кое било паркирано во непосредна близина.
