За својата работа како новинар, публицист и дипломат е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година
Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти денеска неговото семејство. Роден во 1949 година Скопје, Треневски во текот на својата богата професионална кариера остави значаен белег во новинарството, државните институциите, дипломатијата и врските со македонските иселеници.

Веста преку објава на социјалните мрежи ја сподели неговата сопруга Василка Поповска-Треневска.
„Со неизмерна тага ве известувам дека мојот сакан сопруг, м-р Мартин Треневски, нѐ напушти. Мартин беше човек кој целиот свој живот го посвети на Македонија, на вистината, на новинарството, дипломатијата и на македонското иселеништво ширум светот. Како сопруг, татко, дедо и пријател, беше столб на нашето семејство – човек со големо срце, достоинство, мудрост и неисцрпна љубов кон своите најблиски“,
напиша таа на Фејсбук.
Во неговата биографија се вели дека дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература, по што се запишал на постдипломски студии по масовни комуникации и информирање на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања каде се стекнал со академското звање магистер по политички науки.
Новинарската кариера Треневски ја почнал во Скопје објавувајќи текстови во повеќе дневни, неделни и месечни информативни гласила. Професионалниот врв во новинарството го достигнал во тогашната агенција Танјуг, каде во 1986 година бил именуван за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик. Во тој период активно ја следел и афирмирал македонската заедница во Австралија. Како публицист и истражувач, Мартин Треневски е автор на голем број дела.
По осамостојувањето во 1991 година, Треневски беше именуван за министер за информации во првата влада на Република Македонија. Подоцна, како министер во Министерството за иселеништво, работел на унапредување на врските меѓу државата и македонската дијаспора
Беше амбасадор на Република Македонија во Шведска, Норвешка, Финска, Естонија, генерален конзул во Торонто, Канада, и македонски амбасадор во НАТО.
Треневски беше активен и во политичкиот живот како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ од почетоците на партијата.
За својата работа како новинар, публицист и дипломат е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година.
Погребот ќе биде утре (27 мај 2026) во 13 часот на Градските гробишта „Бутел“.
