Од партијата поставуваат прашања како поранешен општински функционер и советник денес располага со значителен капитал, и од каде потекнуваат средствата за инвестициите
Објавените информации, според партијата, ќе бидат доставени и до надлежните институции, од кои очекува постапување
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска побара од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори постапка за проверка на имотната состојба на директорот на „Номагас“, Недим Рама, за кој од партијата обвинуваат дека додека бил вработен во Општина Чаир како советник на Изет Меџити стекнал значителен имот и финансиски капитал.
Од партијата бараат од Финансиска полиција да спроведе истрага за потеклото на капиталот, а Обвинителството да утврди дали во случајот има елементи на злоупотреба на службена положба, перење пари или судир на интереси.

Според ДУИ, Недим Рама, веќе неколку дена не дава одговори пред јавноста за начинот на кој стекнал значителен имот и финансиски капитал додека извршувал јавни функции.
Од партијата велат дека Рама бил вработен во Општина Чаир, а подоцна и советник на Изет Меџити, и бараат објаснување како со тие приходи успеал да изгради бизниси и да стекне недвижен имот.
„Во изминатите денови објавивме серија податоци што отвораат сериозни прашања за стекнатиот имот на Рама. Преку компанијата ‘Неар 2015‘, поврзана со него и со Калтрина Зеколи Шаќири, биле вршени исплати за репрезентации и угостителски услуги токму во период кога тие извршувале јавни функции. Потоа, го отворивме и прашањето за ИТ-компанијата ‘ХОСТ МКД‘, преку која биле наплаќани услуги и од институции, меѓу кои и од Општина Чаир, во време кога Рама бил вработен таму. Истата компанија подоцна го менува името и сопственичката структура, а трагите на сопственоста се префрлаат на лица блиски до политичкото опкружување на ВЛЕН“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Најголемиот сомнеж, според партијата, го отвора луксузниот имот и бизнисите на Недим Рама, посебно укажувајќи на луксузните апартмани во Маврово, што се издаваат под наем, како и на неговата поврзаност со бизнис за изнајмување возила на Меѓународниот аеродром Скопје.
Покрај ова, се наведува дека постојат сомнежи и за вклученост на медиумски структури во поширока мрежа на интереси, што дополнително, според нив, бара институционална проверка.
Од партијата поставуваат прашања како поранешен општински функционер и советник денес располага со значителен капитал, и од каде потекнуваат средствата за инвестициите.
„Како човек кој до вчера бил општински функционер и советник, денес располага со капитал за луксузни апартмани, возен парк и повеќе компании? Од каде се парите? Кој го финансирал овој раст?“,
прашуваат од опозициската партија.
ДУИ најави дека сите објавени информации ќе бидат доставени и до надлежните институции, од кои очекува постапување.
„Институциите не смеат да молчат, затоа што правдата не трпи молчење!“,
се додава во партиското соопштение.
Од ДУИ изминатите денови изнесуваат тврдења дека има скриен имот и судир на интереси на Недим Рама, соработник на Изет Меџити. Според партијата, Рама не пријавил сопственост во фирма и остварувал приходи од институции каде што истовремено работел.
