Премиерот од Охрид порача дека нема да премолчи пред фиоките полни со пријави, додека опозицијата возврати дека судството е под целосна контрола на власта која стравува од вистински реформи
Премиерот Христијан Мицкоски од Охрид упати остри критики за бавноста на правосудниот систем и порача дека неговото трпение е при крај, говорејќи во контекст на борбата против корупцијата, нагласувајќи дека целосно го разбира незадоволството на граѓаните кои губат трпение во очекувањето на правдата.

Тој вели дека ниту самиот не е задоволен од досегашното темпо и смета дека институциите можат да испорачаат многу побрзи резултати и упати порака до како што кажа, делот од обвинителството кој, според него, сè почесто смислува изговори оти внимателно ја следи состојбата и дека правдата ќе ги стигне сите оние кои мислат дека се непобедливи и дека го измамиле системот.
„Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда.Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам“,
рече тој.
Мицкоски кажа оти нема намера да премолчува кога се прават грешки и кога фиоките во институциите се полнат со пријави за кои е потребна итна реакција и порача дека во политиката не влегол за да смислува изговори, туку за да воведе ред и владеење на правото, додавајќи дека нема да отстапи од намерата да им дише во врат на сите кои незаконски се богатат на маката на народот.
„Ова е последната шанса на оваа генерација да создаде нешто вредно што ќе остане за сите наредни“,
заклучи Мицкоски.
На ваквите изјави експресно реагираа од опозициската СДСМ, оценувајќи го говорот на премиерот како скандалозна јавна нарачка. Оттаму обвинија дека Мицкоски во континуитет му диктира задачи на државниот јавен обвинител Ненад Савески, потсетувајќи на нивните тврдења за претходни телефонски насоки и јавни наредби од собраниската говорница.

Според нив, овој последен настап е само уште една потврда дека судството и обвинителството во државата се под целосна контрола на премиерот и, како што велат, неговата организирана криминална група.
„Мицкоски не ги исполнува реформите затоа што не сака независно судство, не сака Европско јавно обвинителство. Тоа би значело правда и крај на заштитата на криминалците на власт односно одговорност од Мицкоски па се до последниот во неговата криминална организација. Откако Мицкоски си го избра на функцијата, ало Савески е цело време на линија со Мицкоски кој работи по неговите нарачки“,
реагираа од опозициската СДСМ.
