Рамковниот договор за ставање крај на војната е речиси готов, но американската блокада останува на сила, а Трамп уверува дека Иран ќе мора да се откаже од високо збогатениот ураниум
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите со Иран за ставање крај на војната бележат значителен напредок, но нагласи дека им наредил на американските преговарачи да не брзаат, со цел да се избегне договор кој би бил неповолен за Вашингтон.

Изјавата доаѓа откако тој претходно потврди дека рамковниот договор за завршување на конфликтот е „во голема мера договорен“, вклучувајќи го и клучното прашање за повторно отворање на Ормускиот теснец.
„Преговорите се одвиваат на уреден и конструктивен начин, и ги информирав моите претставници да не брзаат со договор со оглед на тоа што времето е на наша страна“,
напиша тој на Трутсоушл.
Во однос на ситуацијата на теренот, тој потенцираше дека американската блокада на иранските пристаништа ќе остане во целосна сила сè додека договорот не биде постигнат, сертифициран и потпишан. Иако оцени дека односот меѓу САД и Иран станува многу попрофесионален и попродуктивен, Трамп предупреди дека двете страни мора да одвојат време за да го направат договорот како што треба, бидејќи не смее да има никакви грешки.
Трамп децидно порача дека Техеран мора јасно да сфати оти не смее да развие или да набави нуклеарна бомба, а според извештаите, американскиот претседател веќе го информирал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за текот на преговорите преку телефонски разговор, уверувајќи го дека кој било конечен договор ќе содржи стриктни барања за целосно запирање на иранската нуклеарна програма и отстранување на целиот високо збогатен ураниум од територијата на Иран.
