Колегите на Велков веќе се простуваат од него и изразуваат сочувство до семејството за загубата

Баритонот и првенец на Националната опера и балет (НОБ), Ристе Велков, е еден од четирите лица кои синоќа загинаа во сообраќајка на скопската обиколница. Во сообраќајката загинат е и неговиот 20-годишен син.
На социјалните мрежи, колегите на Велков веќе се простуваат од него и изразуваат сочувство до семејството за загубата.
На веб-страницата на Националната опера и балет, во биографијата за Велков, се вели дека тој е еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Како реномиран солист – првенец на Македонската Опера и Балет, тој претежно настапувал во продукции Bellcanto, со што го заслужува и оправдува епитетот – италијански баритон со кадифена боја.
Сообраќајната несреќа се случи синоќа околу 23 часот на потегот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци на скопската обиколница.
Покрај Велков и неговиот син, со несреќата животите ги загубија уште две лица – 20-годишниот П.М. од Скопје и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) рекоа дека до несреќата дошло кога камион со полуприколка управуван од 76-годишниот Б.Б. од Косово изгубил контрола врз возилото, ја пробил заштитната метална ограда и преминал во спротивната лента на автопатот каде директно се судрил со автомобил „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки кој го возел Велков.
Од ударот возилото и кабината на камионот се запалиле и целосно изгореле.
По несреќата, од МВР рекоа дека возачот на камионот е приведен и оти по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
