Од Кабинетот на Гаши велат дека интервенцијата не е прашање на политичка волја, туку законска обврска за обезбедување на правна сигурност

Постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е целосно во согласност со Деловникот и во рамките на неговите уставни и деловнички надлежности. Ова е реакцијата од неговиот кабинет откако денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини дека континуирано го крши Деловникот и закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет и покрај тоа што претседателката Сања Лукаревска е тука и не е отсутна.
Според соопштението од Собранието, на 18 мај претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свикала 64. седница која започнала наредниот ден, но била прекината веднаш по утврдувањето на дневниот ред.
На 20 мај, додаваат од Кабинетот на Гаши, повеќе од една третина од членовите на Комисијата побарале продолжение поради итноста на роковите, согласно член 176 и 181 од Деловникот, но претседателката на Комисијата не го свикала.
„Поради тоа, на 21 мај, по барање на група пратеници, а поради претходно непостапување на претседателката на Комисијата, претседателот Гаши го свика првото продолжение согласно член 126, став 3 од Деловникот“,
се вели во соопштението.
Од Кабинетот на Гаши велат дека интервенцијата не е прашање на политичка волја, туку законска обврска за обезбедување на правна сигурност.
„Станува збор за постапување кое не претставува произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието“,
се наведува во соопштението.
Во соопштението се вели дека Собранието не смее да биде алатка за дневнополитички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација.
Гаши порача дека останува посветен на доследно почитување на процедурите, без селективност и без политички калкулации.
Од СДСМ денеска најавија дека поради „континуирани кршење на Деловникот и злоупотребата на функцијата од страна на претседателот Африм Гаши“, против него ќе поднесат кривична пријава и интерпелација.
