„Сите оние што се молат да не успее ова Влада, а на тој начин се молат да не успее и државата и граѓаните, за жал имам лоша вест за нив – ќе мора да сведочат за многу успеси што ги прави оваа Влада“, вели премиерот

Тоа што го говори опозицијата не заслужува коментар и тој дел ќе го прескокнам, одговори премиерот Христијан Мицкоски прашан околу изјавите на опозициската СДСМ дека државата наместо 200 милиони евра од Планот за раст на ЕУ добила само 65.
Тој нагласи дека фактите покажуваат сосема поинаква слика – Македонија од последното место на Западен Балкан, според извештаите, сега се наоѓа на лидерската позиција.
Мицкоски рече дека позитивните резултати во јануарскиот извештај се резултат на интензивна работа.
„Сега на крај на јуни следи јунскиот извештај, имаме интензивна комуникација со Герт Јанг Копман, работиме на сите портфолија во рамките на Владата и очекувам оваа позиција да ја потврдиме и сега после јунскиот извештај и овие 31 милион што се директна буџетска поддршка, на крајот на годината да се приближиме до бројката од 100 милиони директна буџетска поддршка“,
кажа Мицкоски.
Смета дека кога на тоа ќе се додадат и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра.
„Сите оние што се молат да не успее ова влада, а на тој начин се молат да не успее и државата и граѓаните, за жал имам лоша вест за нив – ќе мора да сведочат за многу успеси што ги прави оваа влада“,
рече Мицкоски.
Тој потсети на претходните најави од опозицијата за банкрот и тврдењата за мигранти од Обединетото Кралство, за кои рече дека се покажале како невистинити.
Мицкоски истакна дека неговиот кабинет секојдневно работи на корекција на штетите направени во изминатите седум години од претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Нашата цел е да го испорачаме ветеното и да ги исправиме погрешните политики на грабеж, понижување и коленичење. Имам лоша вест за овие глодари коишто сѐ би дале оваа влада да не успее и Македонија да не успее. Ќе мора да ги гледате успесите на Владата уште долго време, а наскоро и само пред малите екрани, бидејќи ќе бидете политичко минато“,
додаде Мицкоски.
Денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека владата на Мицкоски со неспроведување на реформите ја лиши земјата од речиси 200 милиони евра европски средства и предупреди дека земјата се соочува со ризик да го пропушти „последниот воз“ за ЕУ. Тој појасни дека ЕУ во моментов ги подготвува седумгодишните буџети, а со оглед на тоа што Македонија не прави чекор напред, според него, постои реална опасност воопшто да не бидеме дел од идното финансирање.
