Лидерот на опозицијата предупреди дека земјата се соочува со ризик да го пропушти „последниот воз“ за ЕУ. Тој појасни дека ЕУ во моментов ги подготвува седумгодишните буџети, а со оглед на тоа што Македонија не прави чекор напред, постои реална опасност воопшто да не бидеме дел од идното финансирање

Владата на Мицкоски со неспроведување на реформите ја лиши земјата од речиси 200 милиони евра европски средства, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Според Филипче, државата добила само 65 милиони евра, иако имала капацитет и можност да повлече близу 200 милиони евра од европските фондови.
Одговарајќи на новинарско прашање кое е неговото објаснување кога се знае дека земјата доби најголем износ во регионот, Филипче истакна дека станува збор за класична пропаганда и вадење на информациите од контекст.
„Објаснувањето е од кујната на ВМРО-ДПМНЕ за креирање лажна слика. Се работи за целосно различни програми, сите земји во регионот ниту имаат ист капацитет, ниту исто сработуваат. Ако ние имаме простор да заработиме над 200 милиони евра, да добиеме од Европската Унија, а сме добиле само 60, воопшто не е важно дали некоја друга земја има повеќе или помалку од нас. Тоа е суштината на пропагандата и лажните вести и креирањето лажна слика за која оваа власт сака да се зборува. Целосно надвор од вистинскиот контекст“,
изјави Филипче.
Тој објасни дека во 2024 година биле завршени само 50 отсто од реформите, во првата половина на 2025 имало 25 проценти, а до крајот на минатата година тие биле 16 отсто.
„Можевме да добиеме близу 200 милиони евра, 134 плус 60 од незавршени обврски од 2024 година, ако оваа Влада имаше вистинска намера и капацитет и сработеше добро, а ние добивме само 65“,
рече Филипче.
Лидерот на опозицијата предупреди дека земјата се соочува со ризик да го пропушти „последниот воз“ за ЕУ. Тој појасни дека ЕУ во моментов ги подготвува седумгодишните буџети, а со оглед на тоа што Македонија не прави чекор напред, постои реална опасност воопшто да не бидеме дел од идното финансирање.
„Тоа ќе биде дефинитивен знак дека ЕУ веќе не смета на нас“,
нагласи тој.
Филипче повторно го одби повикот на власта за обединување околу реформските закони, порачувајќи дека СДСМ нема да соработува со оваа влада.
„Со криминалци не соработуваме. Тоа што сме земале само 60 милиони од можни 200 говори дека владата на Мицкоски воопшто не работи на европскиот пат. Единствениот вистински чекор се уставните измени, тоа треба да се случи во земјава и треба да престане Владата и Христијан Мицкоски да ја обвинува Европа дека ни го загрозува националниот идентитет со тоа што треба да се направат уставните измени затоа што тоа не е вистина и има друга позадина зошто не го правиме тој чекор, а за тоа ќе го прашате него“,
одговори Филипче на новинарско прашање дали ќе го прифатат повикот за обединување околу реформските закони.
Инаку, Европската комисија одобри и стави на располагање финансиски пакет во износ од 158,9 милиони евра за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, во рамките на Механизмот за реформи и раст, кој е дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
Од вкупната сума, за Северна Македонија се издвоени 65,7 милиони евра, а фокусот на оценетите реформи беше ставен на областите на образованието и дигитализацијата, додека во Албанија, која добива 49 милиони евра, и Црна Гора – 44,2 милиони евра, акцентот е на деловната конкурентност и иновациите.
Со денешната транша, вкупниот износ ослободен досега во рамките на овој механизам достигна 142,1 милиони евра за Северна Македонија, 212,8 милиони евра за Албанија и 89,3 милиони евра за Црна Гора.
