Имаме нови сознанија за кумановските настани од 2015 година и очекуваме средба со Јавното обвинителство да видиме како може да помогнеме за целосно расветлување на случајот, открива директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, во интервју за Радио слободна Европа (РСЕ).

„За мотивите на групата, јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се споменува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме и нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на двоецот Ризај и Ндрецај“,
вели Муслиу за РСЕ.
Во настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015, загинаа 8 полицајци, а 42 беа ранети. Загинаа и 10 припадници на вооружената група, а 33 од нив беа осудени, од кои седуммина на доживотен затвор.
