Секоја политичка партија, како што рече, мора да биде постојано подготвена за избори, без разлика дали станува збор за редовни или предвремени
Според него, раководството на партијата треба да работи уште повеќе, и од организациски и од програмски аспект, за да настапи како организирана структура што ќе биде алтернатива на власта
Пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека очекува одржување предвремени парламентарни избори во земјава и дека СДСМ треба навремено да се подготви за сите можни изборни циклуси.
Во гостување во емисија на 4 ТВ, посочи дека, според неговото мислење, предвремените избори се извесни и дека тоа го најавувал и претходно.

„Факт е дека ќе има предвремени парламентарни избори. Тоа го најавував и претходно повеќепати“,
кажа тој.
Секоја политичка партија, како што рече, мора да биде постојано подготвена за избори, без разлика дали станува збор за редовни или предвремени.
„Партијата мора да биде подготвена секогаш за какви било избори што ќе ги имаме“,
вели Спасовски.
Според него, раководството на СДСМ треба да работи поинтензивно на организациско и програмско зајакнување на партијата, со цел таа да биде сериозна политичка алтернатива на актуелната власт.
„Раководството на партијата треба да работи уште повеќе, и од организациски и од програмски аспект, за да настапи како организирана структура што ќе биде алтернатива на власта“,
рече пратеникот.
СДСМ, како што посочи, треба повторно да го зајакне својот коалициски капацитет и да остане отворен за соработка со сите прогресивни политички сили во државата.
Во минатото е препознавана како политичка партија со најголем коалициски потенцијал и додаде дека таа улога треба повторно да се воспостави.
Без подетална анализа на причините за падот на довербата кај граѓаните, посочи и дека СДСМ нема да може да понуди јасен одговор за нејзино враќање.
Според него, потребно е сериозно преиспитување на изминатиот период и на грешките направени во рамки на партијата ако партијата сака повторно зајакнување на поддршката.
Ретроспективата на седумгодишното владеење, како што рече, покажува дека постоеле низа внатрешни слабости, од кадровски политики до неисполнети клучни ветувања поврзани со правдата.
