„Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок. Македонскиот јазик не е пречка – тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата“, наведува министерот за правда во реакција на вчерашниот протест на студентите кои бараат правосудниот испит да се полага и на албански јазик
Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата, вели министерот за правда Игор Филков во писмена реакција на вчерашниот протест на студентите Албанци, од кој побараа да им се овозможи правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

Филков вели дека најостро реагира на обидот полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација.
„Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок. Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем“,
вели Филков.
Според министерот за правда, недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит, наведува тој, се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневнополитички агенди и притисоци од улица. Правото на протест, додава министерот, е демократско право, но, вели, никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството.
„Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок. Македонскиот јазик не е пречка – тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата“,
подвлекува Филков на крајот на изјавата.
За потсетување, вчера во Скопје се одржа протест под слоганот „Обединете се со студентите – сите заедно“ и е втор собир организиран од студентите на кој тие бараат да се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Студентите на протестот носеа транспаренти на кои беа испишани пораки како „Знаењето нема забранет јазик“; „Не допирајте ја нашата иднина“; „Закон на хартија, дискриминација во практика“, а можеше да се видат и натписи со политички пораки. Студентите, покрај транспарентите со пораки за почитување на Законот за јазиците, во рацете држеа и албански знамиња.
Неколку часа пред протестот, од Владата соопштија дека премиерот Христијан Мицкоски имал средба со копретседателите на Влен, Биљал Касами и Изет Меџити, на која главна тема било изнаоѓањето решение за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Соговорниците, како што беше соопштено, се согласиле дека образованието и знаењето се темелите на кои треба да се гради секоја современа држава. На средбата било заклучено дека институциите веќе активно работат на модел кој ќе биде целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, а насочен кон обезбедување правна сигурност и функционалност на системот.
По протестот, пак, од партијата Влен соопштија дека барањето на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик е прифатено и дека се работи на негово системско решавање. Ова на прес-конференција го соопшти министерот за економија и труд од редовите на Влен, Бесар Дурмиши, кој наведе дека студентскиот протест е демократско право, но дека темата се користи за политички цели и манипулации, притоа посочувајќи дека на протестот биле присутни и претставници на опозициската ДУИ, за која рече дека е виновна што правосудниот испит никогаш не се полагал на албански јазик.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), пак, денеска обвинија за директен притисок и малтретирање студенти од Република Албанија кои сакале да присуствуваат на вчерашниот протест, но биле оневозможени од полицијата. Поради тоа, од ДУИ најавија дека ќе бараат одговорност од заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.
Според партиското соопштение, студентите биле малтретирани со полициска придружба и изолирани, со единствена цел да им се оневозможи учество на студентскиот протест во Скопје.
Од ДУИ сметаат дека ваквите постапки се резултат на недостатокот на етнички легитимитет кај актуелните функционери од Влен.
Денеска со реакција се јави и амбасадорот на Република Албанија во земјава, Денион Меидани, кој во објава на Фејсбук вели дека студенти од Албанија биле запрени и заплашувани додека патувале кон Скопје за да изразат солидарност со нивните колеги од Македонија.
