По гласањето, по кое претседателот на Собранието, Африм Гаши, мораше да констатира дека не е усвоен предлогот за носење на закон за измена и дополнување на Законот за Владата, по скратена постапка, преку соопштение жестоко реагираа социјалдемократите од „Бихаќка“, од каде што наведоа оти станува збор за уште едно признание на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека е партија „полна со бугарски пасоши“
Пратеничката група на опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска не доби поддршка од владејачкото мнозинство за предлогот по скратена постапка да се донесат измени и дополнувања на Законот за Владата со кои, практично, ќе им се забрани на членовите на извршната власт да поседуваат и друго државјанство освен македонското.

Станува збор за предлог-измени на Законот кои беа актуелни пред еден месец. Тие дојдоа од опозицијата, откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесоа предлог за измени на Законот за пратеници, со кои треба да им се ограничи на пратениците да поседуваат двојно државјанство, односно освен македонското да не можат да имаат друго. Претставувајќи го како дополнување на овие измени, СДСМ тогаш најави дека ќе поднесе предлог-измени на Законот за Владата со кои истото ќе треба да важи и за министрите.
Измените на Законот за пратеници и понатаму не се донесени, иако беа ставени на дневен ред на една од претходните собраниски седници, а темата денеска повторно во дневнополитичкиот дискурс ја врати опозицискиот СДСМ, со својот предлог, образложен од Оливер Спасовски.
„Како што знаете, најавивме и при дискусијата во однос на Законот за измена и дополнување на Законот за пратеници дека ќе поднесе вакво предлог-законско решение коешто практично треба да биде компатибилно со законското решение за пратеници.
Јас се надевам дека и колегите од парламентарното мнозинство – од ВМРО-ДПМНЕ, од ЗНАМ и од ВЛЕН ќе го поддржат ова законско решение и дека понатаму ќе продолжи постапката и за овој закон и за законот за пратеници, којшто еве гледаме дека сега од најголемите најави дека тоа брзо ќе се донесе во Собранието некако застана тој процес, забави, така што ова нека биде мотивација двата текста да бидат донесени од законодавниот дом и на тој начин да ги исполниме очекувањата на граѓаните“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, Оливер Спасовски на денешната 102. седница.
Сепак, владејачкото мнозинство не се одзва на повикот и не го поддржа предлогот по скратена постапка да бидат донесени измените и дополнувањата на Законот за Владата, кои требаше да ги обврзе министрите да имаат само едно државјанство – македонско. Владејачкото мнозинство воопшти не гласаше за предлогот – ниту „против“ ниту „воздржано“.
„За“ гласаа само 20 пратеници од вкупно 84 регистрирани во салата во тој момент.
Образложувајќи ги претходно предлог-измените на Законот за Владата, Спасовски од собраниската говорница рече дека целта е да се воспостават еднакви критериуми за сите избрани и именувани функционери.
„Со оглед на тоа што таков услов се поставува и во Законот за пратеници, односно пратениците во македонското Собрание можат да бидат исклучиво државјани на Република Северна Македонија, тогаш, согласно на тоа, треба да имаме едно вакво законско решение со кое практично ќе ограничиме исклучиво и единствено само државјани на Република Северна Македонија да можат да бидат избрани за членови на Владата“,
рече пратеникот.
Во таа насока, тој додаде и оти граѓаните очекуваат лицата кои ги извршуваат највисоките државни функции да имаат само македонско државјанство. Истовремено тој потсети дека во јавноста веќе се отворени прашања за поседување странски државјанства од страна на членови на Владата, притоа споменувајќи ја министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
„Сега гледаме бугарски државјанства, чешки државјанства итн. Тоа е нешто што го имаме официјално за членовите на Владата и што тие овде, пред Собранието, го имаат потврдено. Зборувам конкретно за министерката за енергетика Сања Божиновска, а веројатно ќе се уредат овие начини и ќе видиме точно за секој што ќе се избира како член на Владата да важат истите овие правила“,
рече Спасовски.

По гласањето, по кое претседателот на Собранието, Африм Гаши, мораше да констатира дека не е усвоен предлогот за носење на Закон за измена и дополнување на Законот за Влада, по скратена постапка, преку соопштение жестоко реагираа социјалдемократите од „Бихаќка“, од каде што наведоа оти станува збор за уште едно признание на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека е партија „полна со бугарски пасоши“.
„Одбија да го прифатат предлог-законот на СДСМ, за министрите, вицепремиерите и министрите во Владата да не може да имаат двојни државјанства. Го признаа Преспанскиот договор како ремек-дело на дипломатијата. Признаа дека со Преспанскиот договор македонскиот јазик, национален идентитет и култура се заштитени. Го признаа НАТО. И сега дојде уште едно признание: имаме влада полна со функционери, министри, сите со бугарски пасоши и бугарски државјанства“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму додаваат дека одбивањето на владејачкото мнозинство да го поддржи предлогот само ја разобличува неговата лицемерна политика. Но, според СДСМ, владејачката ВМРО-ДПМНЕ не може веќе никого да излаже.
Од опозициската партија велат дека истите тие со бугарски пасоши не дозволуваат внесување на малцинствата во Уставот и намерно ја блокираат европската иднина на државата.
„Додека го блокираат европскиот пат на Македонија и намерно создаваат конфликти со Бугарија, многу функционери од ВМРО-ОКГ си обезбедија бугарски пасоши – пасоши на ЕУ“,
се додава во соопштението од СДСМ, од каде што наведуваат и имиња на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и бугарски градови каде, како што тврдат социјалдемократите, се водат како државјани на Бугарија.

Инаку, предлог-измените на Законот за пратеници што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ дојде речиси во исто време со измените на Законот за Влада, за укинување на техничката влада на 100 дена пред избори. Двата предлози беа ставени на дневен ред на иста пленарна седница, на која укинувањето на техничката влада беше изгласано, додека она за измените на Законот за пратеници беше одложено.
Претходно во телевизиско гостување, премиерот Христијан Мицкоски ги повика пратениците да се консултираат со уставни експерти пред да ги донесат измените на Законот за пратеници за да се утврди дали предложените измени се правно и уставно издржани.
На ова тогаш реагираше лидерот на опозицијата Венко Филипче, кој рече дека премиерот ретерирал откако СДСМ најави дека ќе бара забраната за двојно државјанство да важи за министрите во Владата.
