Изјавата на лидерот на СДСМ следува откако премиерот Христијан Мицкоски синоќа во интервју за Сител ги повика пратениците да се консултираат со уставни експерти пред да ги донесат измените на Законот за пратеници за да се утврди дали предложените измени се правно и уставно издржани
Зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се консултирале со правни експерти пред да ги предложат законските измени со кои се предвидува пратеник во Собранието да може да стане лице што има само македонско државјанство – вели лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Неговата изјава следува откако премиерот Христијан Мицкоски синоќа во интервју за телевизија Сител ги повика пратениците да се консултираат со уставни експерти пред да ги донесат измените на Законот за пратеници за да се утврди дали предложените измени се правно и уставно издржани.
„Мицкоски вчера ретерираше од најавениот закон од неговите пратеници за забраната за двојни државјанства за пратениците. Премиерот ќе барал мислење од правни експерти. Зошто не побараа претходно, пред пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат тој закон во Собранието. Така ли спремаат закони? Вистината е дека ги пресретнавме и разобличивме уште една нивна лага и лажен патриотизам. Кога поднесовме амандмани и предложивме тој предлог-закон да важи и за актуелниот пратенички состав, а не како што тие сакаа за следните пратенички состави, како и да важи за членовите на владата, тие постепено ретерираа“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за лажен патриотизам додавајќи дека пратеници, министри, градоначалници, функционери и директори на јавни претпријатија од владејачката партија имаат бугарски пасоши.
„Сакале да глумат патриоти, ама во законот напишале дека измените за државјанствата ќе важат од следните избори, а не од актуелниот состав на парламентот. Зошто не ги прифатија нашите амандмани за тоа што тие го предлагаат да важи од актуелниот состав? Зошто бегаат и од законот за влада?“,
вели Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека останува на ставот дека пратеничката група на социјалдемократите целосно ќе се повлече од работната група за Изборниот законик ако власта не се откаже од укинувањето на техничката влада.
