Од Форумот на жени на СДСМ бараат Миленко Неделковски да биде разрешен од извршен директор на Фудбалскиот клуб Вардар, а на Тасевски да му бидат блокирани видеата на социјалните мрежи, кои, како што кажа Каја Шукова, се полни со навреди и понижувања за жените
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска најави дека ќе поднесе соодветни пријави против Миленко Неделковски и актерот Сашо Тасевски поради јавно ширење навреди, понижувања и омраза кон жените.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, на прес-конференција побара и реакција од надлежните во врска со видеото што викендот се појави на социјалните мрежи, на кое фудбалерите на ФК Вардар пеат песна со вулгарна и навредлива содржина за Битола и македонската пејачка Каролина Гочева.
Според Шукова, ваквиот говор на омраза доаѓа во период кога Македонија бележи грозоморни случаи на убиства на жени, фемициди и воопшто пораст на насилството врз жените, а институциите, како што вели таа, потфрлаат во заштитата.
Од Форумот на жени на СДСМ бараат Миленко Неделковски да биде разрешен од извршен директор на Фудбалскиот клуб Вардар, а на Тасевски да му бидат блокирани видеата на социјалните мрежи, кои, како што кажа Шукова, се полни со навреди и понижувања за жените.
„Последни жртви на срамни напади и говор на омраза се македонската пејачка Каролина Гочева, како и континуираните навреди, клевети и омаловажувања кон нашата портпаролка и жените од СДСМ. Форумот на жени на СДСМ ги осудува и најавува дека ќе поднесе соодветни пријави. Одговорност мора да има. Бараме Миленко Неделковски веднаш да биде разрешен од функцијата извршен директор на ФК Вардар. Сашо Тасевски да биде соодветно санкциониран и да му бидат блокирани видеата на социјалните мрежи полни со навреди и понижувања за жените“,
рече Шукова.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ обвини дека сето ова се случува како резултат на на политиката на говор на омраза, поделби и пропаганда што со години ја гради ВМРО-ДПМНЕ со помош на нејзината мрежа на медиуми, а која е насочена кон неистомислениците со власта.
„Сето ова е резултат на политиката на говор на омраза, поделби и пропаганда што со години ја гради ВМРО-ОКГ, со помош на Орбановата мрежа на медиуми и ботови, ликови како Латас како медиумски координатор, и сè тоа со амин лично на Христијан Мицкоски. Овие повампирени ликови од времето на (Никола) Груевски, постојано шират навреди, лаги, конструкции и говор на омраза кон опозицијата, новинари, активисти и жени кои јавно говорат во името на СДСМ или против власта. Станува збор за организирана кампања на омраза и деградација против неистомислениците“,
кажа таа.
Шукова обвини дека ВМРО-ДПМНЕ, која ја нарече организирана криминална банда, системски го дели општеството, создава вештачки поделби и поттикнува атмосфера во која, вели, омразата станува политичка алатка.
Во тој контекст таа наведе неколку фрази што често може да се слушнат при јавните обраќања на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и други негови сопартијци, а
„’Талог на општеството’, ‘мочуриште’, ‘мекотели’, целата оваа реторика е дел од таа политика и атмосфера што се создава“,
рече Шукова.
Доказ дека тоа е така, според Шукова, е и молкот на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што кажа, не нашла сила да ги осуди овие навреди и понижувања.
„Молчењето е охрабрување на насилството и соучесништво. До кога ќе молчите? Ова е прашање на достоинство и почит кон жените во нашето општество. Обединувањето на сите прогресивни сили околу Фронт за вистината и правдата значи продолжување на борбата против секоја форма на насилство, омраза и деградација на жените“,
кажа Шукова.
Инаку, вчера Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го осуди навредливото и недолично однесување на Фудбалскиот клуб Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на шампионската титула и соопшти дека повела дисциплинска постапка против клубот.
Осуда за настанот упати и министерот за спорт Борко Ристовски, кој најави дека ресорното министерство ќе најде начин за санкционирање вакво однесување.
