Обвинителката Коларевиќ знаела дека во економскиот криминал штетата се утврдува со економско вештачење, а не со изјава од „поткупен сведок“ или вработен во ЕСМ, но постапила селективно и им дала повластена позиција на осомничените, а со тоа го деградирала владеењето на правото, рече Милошоски
Дали обвинителката Катерина Коларевиќ поради свои лични интереси и насоки од обвинителот Ислам Абази ја сопрела постапката за „Мазут“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ и го повикуваат Советот на јавни обвинители да го испита за работењето на посочените обвинители. На денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, рече дека има информации што упатуваат на блискоста на обвинителката со СДСМ и ДУИ.
„Таткото на Коларевиќ, Павле Марков, е избран за државен правобранител од владата на СДС во 1998 г. Мајката на обвинителката Колеревиќ, Вера Маркова, во 2004 од коалицијата СДС и ДУИ е избрана за уставен судија. Овие фамилијарни кариери на родителите во семејството Коларевиќ се цврсто поврзани со политичките номинации на владите на СДС. Прашањето е дали затоа обвинителката Коларевиќ, за осомничени како Васко Ковачевски, Адријан Муча, Асмир Јахоски и други блиски до Ахмети, Заев и Филипче, не постапувала со мотив да ја открие вистината, туку со мотив да го заташка предметот ’Мазут“ тежок 167 милиони евра“,
рече Милошоски.

Обвинителката Коларевиќ, како што кажа Милошоски, знаела дека во економскиот криминал, штетата се утврдува со економско вештачење, а не со изјава од „поткупен сведок“ или вработен во ЕСМ, но постапила селективно и им дала повластена позиција на осомничените, а со тоа го деградирала владеењето на правото.
„И самото ЕСМ во соопштение јасно кажува дека тие коишто биле испитани во постапката, не биле ниту одговорни лица ниту компетентни лица да проценат штета и да утврдат економски криминал со мазутот во ТЕЦ ‘Неготино’. Но, со прекинувањето на истрагата за овој 167-милионски евра скандал со силни индиции за перење пари и тендерски криминал станува јасно дека решението на Абази и Коларевиќ не е поткрепено со правно-обвинителски аргументи, но веројатно е добро подмачкано со прескап мазут“,
посочи Милошоски.
За да има владеење на правото и довербата во правосудството да биде поголема од 2 отсто, треба и обвинителите да подлежат на професионална, дисциплинска, па и на кривична одговорност, кога има докази за тоа, порача Милошоски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, во интервју за „360 степени“ кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. Таа додава дека претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека договорите биле целосно испочитувани.
